Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) соопшти дека користењето на буџетски средства за промовирање активности на локалната власт е во спротивност со член 102 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Реакцијата на АВМУ следува по информациите дека Град Скопје склучил договор вреден околу пет милиони денари за промоција на кампањи за посебни активности на Град Скопје преку маркетинг агенција.

„И во оваа прилика, како и во повеќе претходни наврати, потенцираме дека средствата на даночните обврзници не смеат да се користат за рекламирање на власта, на кое било ниво, преку приватни радиодифузери. Ваквиот начин на финансирање отвора простор за директно нарушување на независноста и уредувачката самостојност на медиумите, и може да доведе до коруптивни практики“, наведува АВМУ.