Австрискиот претседател Александер ван дер Белен ја прогласи владината криза во земјата за завршена. Денеска треба да биде назначен новиот премиер.

Денеска напладне за нов канцелар на Австрија би требало да биде назначен Александер Шаленберг, досегашен министер за надворешни работи на земјата. Шеф на дипломатијата, пак, би требало да стане дипломатот Михаел Линхарт, досегашен австриски амбасадор во Франција.

Според австрискиот претседател Александер ван дер Белен, владина кризата во Австрија со тоа е завршена. Сепак, не е сѐ во најдобар ред: „Зашто во последните денови уште еднаш беше многу разнишанадовербата на граѓаните во политиката“, рече Претседателот, додавајќи: „Сите кои носат политичка одговорност, а особено Владата, би требало повторно да ја воспостават таа доверба.“

Себастијан Курц поднесе оставка на премиерската функција со цел да ја спаси коалицијата, откако беше обеледенета нова истрага против него. Курц и негови блиски соработници се осомничени за купување за него позитивни медиумски извештаи во 2016 година, со цел Курц да дојде до лидерското место во партијата и да го трасира патот до канцеларската функција. Курц тврди дека нема никаква вина и нагласи дека се повлекува од функцијата поради одговорност за земјата. Тој останува на лидерската позиција во Австриската народна партија и ќе ја преземе шефовската позиција во пратеничката група на партијата. Опозицијата го критикуваше ваквиот чекор затоа што 35-годишниот Курц со тоа останува исклучително влијателна политичка фигура и потенцираше дека со тоа и натаму се задржува „системот Курц“.