Српската телевизија Б92 објавува дека Владимир Тодоровиќ, градоначалникот на општина Центар има намера да отвори хотел во ценатрот на Белград.

Тодоровиќ оваа идеја му ја предложил на заменик директорот на Канцеларијата за дијаспора, Александар Влајковиќ, кој во Македонија бил за празникот Света Сава, објавува Б92 повикувајќи се на информација објавена на сајтот на Канцеларијата за дијаспора на Србија.

Влајковиќ имал средба со Тодоровиќ и со премиерот Никола Груевски, на која актуелниот градоначалник на Центар истакнал дека има намера да разговара со сопствениците на зграда во близина на улицата Кнез Михајлова во строгиот центар на Белград, а доколку не паднало договор Тодоровиќ имал намера да купи земја во Белград, каде би го изградил хотелот.

Премиерот Груевски изразил надеж дека Србија и Белград ќе ја поддржат таа македонска инвестиција, пишува Б92.

Влајковиќ покажал подготвеност дека Канцеларијата за дијаспора ќе помогне во поврзување со надлежните институции, за инвестицијата што побрзо да се реализира.

За еден македонски портал градоначалникот на Центар, Тодоровиќ, демнтираше дека ќе градел хотел во Белград.

– Ми беше понудено да изградам хотел, но не излезе ништо од тоа. Нема да градам хотел во Белград – изјави Тодоровиќ за порталот.