Седум илјади деца од повеќе градови во Македонија беа вклучени во т.н. „Бадникови поворки“. Наместо традиционалната бадникарска песна Коледе, ја пееја песната „Вечниот Бог“. Наместо торби полни со бомбони и мандарини, во рацете носеа витлеемски ѕвезди, икони и божиќни пештери. Не затропаа на вратите на домовите на граѓаните, туку на портите на општините. А, од општините организирано беа однесени во црквите.
Целата идеја за манифестацијата е на Здружението „Бадникови поворки“, кое е формирано во февруари минатата година, а доби логистика од повеќе општини во земјава, Градот Скопје и МПЦ. Причините – заради „правилно славење на Бадник“.
„ Бадникарски поворки првпат се одржаа лани во Скопје и во уште неколку градови, со цел да се возобнови древната традиција на правилно празнување на Бадник во духот на православното предание, наместо коледарските посети на домовите и пеење пагански песни“, изјавија од Здружението „Бадникарски поворки“ за целта на манифестацијата.
https://www.facebook.com/BadnikoviPovorki/videos/263829804148551/
А бадниковата поворка наместо единство, донесе Божиќно утро полно со раздор на социјалните мрежи, во домовите, во кафеаните. Не заради групата граѓани кои одлучија Бадник да го обележат со марш, туку заради институционалната вмешаност во организирањето на верски обред. Форумот на раздор имаше две димензии: родители кои се лутеа оти децата за поворката биле одбрани селективно и оние граѓани кои беа гневни што се дозволило агитириање и регрутирање на деца за религиозни цели на државен и општински имот.
Кој се пушти во верска авантура со регрутација на деца во училиштата
Градоначалници и јавни претпријатија не само што учествуваа во овој обред, туку дел од општините се вклучиле и во организација на овој настан и дозволиле училиштата да бидат логистика за организација на овие поворки. Реагираа универзитетски професори, новинари, граѓански активисти но и револтирани граѓани кои обвинија дека јавни и државни институции потфрлиле во уставната обврска за зачувување на секуларноста во државата.
Кој дозволи верски марш на 7.000 деца?
Бадникови поворки беа организирани во повеќе градови низ Македонија. Во Скопје, Куманово, Охрид, Струмица и други. Зборното место на децата утрото на Бадник беше пред или во општинските згради. Децата учесници од Скопје со автобуси на ЈСП биле пренесени до црквата „Пресвета Богородица во Скопје, од каде што и започнува поворката која завршува пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“. Таму децата се приклучија кон чествување на Бадник со највисокиот црковен врв.
Целата манифестација изгледаше добро организирана, а градоначалниците не беа затекнати туку подготвени за детската бадникова поворка, па им делеа и пакетчиња. И ова не се случуваше само во Скопје, туку на целата територија на Македонија. Единствено прилепскиот градоначалник Илија Јованоски го одби Здружението „Бадникови поворки“ и јавно образложи дека Христовово раѓање е интимна верска прослава, а секуларноста на државата за општината е светост.
Оние кои стоеја во одбрана на функционерите кои се вклучија логистички во детската поворка, тврдеа дека децата спонтано се собрале со согласност на родителите, а градоначалниците „не можеле ништо да сторат“ или „зарем требаше да ги избркаат децата кога им пееја пред општина“. Но сведоштвата на родителите не одат во прилог на нивната одбрана.
Дел од родителите споделија дописи од општините со кои што се утврдуваат процедурите за собирање родителска согласност за децата да дојдат на бадниковатта поворка. На поворките освен деца и родители, имаше и наставници, за што сведочат бројните изјави на родители на социјалните мрежи чијшто веродостојност помина низ проверка на факти во редакцијата на НОВА. По завршување на оваа религиозна манифестација, голем дел од градоначалниците испратија и официјални соопштенија со слики од децата кои биле гости во нивните општини на 6. јануари.
Овој допис од општина Кисела Вода потврдува дека општините и училиштата биле директно вклучени во логистиката на бадниковите поворки и регрутацијата на деца за истата.
Кои се луѓето зад „Бадникови поворки“
Ова не е прв ваков собир, но е дефинитивно најмасовниот собир откако ова Здружение постои и организира вакви религиозни манифестации. Тие годинава изработија и видео спот каде што популарните пејачи Тамара Тодевска, Елена Ристеска, Ламбе Алабакоски и други ја пејат песната – химна на поворката (истата ја пеат и децата во поворката) „Вечниот Бог“.
Здружението „Бадникови поворки“ кое беше организатор на собирот на 7.000 деца е формирано на 9 февруари 2017 година. Целосниот назив е Здружение за возобновување на православни традиции „Бадникови поворки“, а претседател е Милан Копчаревски.
Основачи се Маре Ивановска, Рада Димитровска, Анѓеле Ивановски, Наташа Николовска, Душанка Бојаџиева – Марковска, Рада Бошковска и Марија Саздева. На Канал 5 телевизија одеше и пренос во живо од поворките.
Саздева, која истовремено е и дел од раководството на Канал 5 Телевизија, за НОВА ТВ вели дека иницијативата неформално постои од 2011 година. Таа тврди дека автобусите од ЈСП не се бесплатни, туку поради празниците не биле во можност да им испратат фактура.
„Комуникацијата околу организирањето одеше на две нивоа со СВР Скопје и со ЈСП. Сите улици беа затворени, а од ЈСП по празниците ќе добиеме и фактура. Претпријатието само ни излезе во пресрет да ни ги даде автобусите порано. Што се однесува до општината, ние испративме замолница да дојдат и да ги пречекаат коледарите од нивната општина. Сите општини, освен градоначалникот на Прилеп одговорија на барањата. Во текот на претходните месеци, на нашата Фејсбук страница ние испраќавме соопштенија и повици до граѓаните да учествуваат во настанот. Сите родители што се согласија нивните деца да учествуваат во поворката мораа да потпишат писмена согласност за учество. Ниту едно дете не беше примено без согласност“, вели Саздева.
Шилегов со контрадикторни изјави – поддржал, па не поддржал
Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, вчера во изјава за медиумите во Соборниот храм рече дека Градот Скопје ја помогнал оваа манифестација со својата инфраструктура. Денеска, пак, изјави дека организаторите се обратиле до Град Скопје со барање за автобуси, за што тие ќе бидат допрва фактурирани. Тој напомена дека раководи со град со повеќе конфесии и дека сите верски убедувања ги почитува во целост. Најавува дека ако било потребно градски автобуси ќе обезбеди и за Бајрам.
„Немам право на кој било родител да му го ограничувам правото да го пушта своето дете во организирани граѓански иницијативи. Ова не е прв пат истото граѓанско здружение – Бадникови поворки, да спроведе ваква граѓанска акција“, рече Шилегов.
ЈСП допрва ќе утврди колку должи здружението
Директорот на ЈСП, Кристијан Чушков за НОВА ТВ вели дека автобуси на ова јавно претпријатие од Скопје биле ангажирани за манифестацијата. Но, колку пари ќе наплати од „Бадникови поворки“ за услугата ќе знаел утре.
„На барање на Градот Скопје ние изнајмивме околу десетина автобуси, а фактурата ќе биде испратена на здружението кое ја организираше манифестацијата. Децата беа превезувани од општините во Скопје до соборниот храм „Свети Климент Охридски“. Цената за изнајмување на еден автобус дневно е 6.600 денари, ако се користи цел ден. Со оглед дека автобусите на ЈСП се користеа неколку часа, утре ќе имаме точна пресметка колку должи здружението „Бадникови поворки“, вели Чушков за НОВА ТВ.
Политичка злоупотреба на децата
За учеството на децата во овој верски настан, реагираше Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, според која е направена „”политичка злоупотреба на деца преку верски традиции од страна на актуелната власт”.
Од здружението „Бадникови поворки“ на претседателот на Меѓаши, Драги Змијанац, му одговорија дека „организирањето на манифестацијата “Бадникови поворки” е чисто граѓанска иницијатива во која не се инволвирани ниту институциите на државата, ниту црквата“.
„За секое вклучено дете во настанот, Здружението поседува изјава за согласност од родител со што сите ваши сомнежи за било каква злоупотреба се неосновани. Во последниот месец од подготовките за големиот народниот настан лично ние, членовите на Здружението, упативме писма до Градоначалниците во кои ги замолуваме на ден 06.01.2018 како Татковци на општината, да ги отворат вратите за коледарчињата од својата општина кои ќе учествуваат во создавањето на најголемата коледарска дружина во православниот свет. Тоа што тие одговорија позитивно на нашата желба да ги посетиме, можеме да го оцениме само и единствено како одговорно однесување на првите луѓе на општината кон жителите на својата општина“.
MOН: Начелото на секуларност треба да се почитува во училиштата
Министерството за образование денеска соопшти дека ќе испратат државни просветни инспектори во секое училиште и општина за да се провери дали се прекршени начелата на секуларноста и законите. Оттаму соопштија дека станува збор за период кога учениците се на зимски распуст, кога нивните родители, односно старатели го организираат користењето на слободното време и активностите на нивните деца.
„Од Министерството за образование и наука не била побарана, ниту Министерството дало согласност за превземање на било какви активности во училиштата за подготовка или организирање на учениците за учество во овие манфестации, во текот на првото полугодие од оваа учебна година. Во оваа прилика укажуваме дека на граѓаните на Република Македонија им се гаранитира правото на здружување и слободата на вероисповеста, односно слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата, но во Законот за основното образование во членот 11 е наведено дека „во основното училиште се забранува политичко и верско организирање и дејствување“, соопштија од МОН.
Заради расчистување на било какво сомневање околу прекршување на законските одредби од областа на образованието, Министерството за образование и наука во текот на утрешниот ден ќе побара од Државниот просветен инспекорат да ги испита сите индиции за евентуално верско организирање и дејствување во училиштата.