Иако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ обезбедија кворум за седницата, тие безуспешно се обидоа да ја саботираат и со неа да не претседава Димитар Апасиев, лидер на опозициската Левица, со образложение дека тој веќе „зазел“ страна. Неуспешен беше и обидот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за средба со родителите, кои одбија состанок и ги прашаа каде биле пратениците девет месеци.
Во мачна атмосфера, со потресни сведоштва и обиди да се минира расправата во Собраниетов денеска почна работата на Постојаната анкетна комисија за трагедијата во Кочани, по претставка на Здружението на граѓани „16 март 2025 година“. Во присуство на државниот врв – претседателката Гордана Сиљановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и собранискиот спикер Африм Гаши – беше оддадена почит кон жртвите со едноминутно молчење.
Иако пратениците на ВМРО-ДПМНЕ обезбедија кворум за седницата, тие безуспешно се обидоа да ја саботираат и со неа да не претседава Димитар Апасиев, претседател на Комисијата и лидер на опозициската Левица, со образложение дека тој веќе „зазел“ страна. Неуспешен беше и обидот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за средба со родителите, кои одбија состанок и ги прашаа каде биле пратениците девет месеци.
Родителите побараа вистината за трагедијата што одзеде 63 млади и во која повеќе од 200 лица беа повредени да излезе на виделина и да одговараат сите инволвирани поранешни, но и актуелни функционери. Родителите ја прозваа и ја обвинија Владата дека девет месеци по трагедијата не добиле ни финансиска ни институционална помош и дека се дискриминирани во однос на семејствата од несреќите во „Модуларната болница“, „Дурмо турс“ и „Ласкарци“, бидејќи тогашната влада реагирала експресно.
Истрагата е како политичка калкулација
Во образложението на претставката на Здружението, Марија Петрушова побара овој случај да се разгледа како повреда на човековото право, со посебен акцент на правото на живот. Тие тврдат дека трагедијата не е последица на една погрешно запалена искра, туку на системски пропусти и корупција што го загрозува најосновното право, правото на живот.
– Знаеме дека никој и ништо не може да ги врати нашите деца, дека ниту една сила, ниту еден збор не може да ја надомести нивната загуба, но ние не се парализиравме. Нашата борба не е само наша, тоа е борба за иднината на сите деца и не само за нив, туку и за сите идни генерации што доаѓаат по нив – рече Петрушова.
Таа додаде дека младите животи згаснале поради неспособноста, нефункционалноста и корупцијата што ги опфаќа сите нивоа на власта.
– Каде е безбедноста што треба да ја гарантира државата? Тука сме да бараме правда за нашите деца. Не можеме да останеме бездушни како оние што беа задолжени да го чуваат нашиот живот. Поради нивната немарност, корупција и неспособност да ги исполнат своите обврски, нашите деца се мртви, а многу други остануваат во опасност, рече Петрушова.
Таа истакна дека се разочарале од истрагата, која ја оцени како политичка калкулација, бидејќи се гонат „најниските“ функционери, додека другите се шетаат на слобода како невини.
– Ветувањата дека никој нема да биде поштеден се само празни зборови. Зошто кривично не се гонат актуелни функционери? Каде е актуелниот министер за економија, началникот на СВР Штип, началничката на кочанската полиција, главната инспекторка за економски криминал во полицијата, УЈП, пазарната инспекција… ,рече Петрушова.
Таа рече и дека врз родителите и врз семејствата на жртвите е направена дискриминација.
– Не бараме политички реваншизам, туку живот, правда и безбедност. Се чувствуваме дискриминирани по трагедијата, бидејќи ни Владата ни премиерот не дадоа финансиска и институционална помош за нас. За разлика од трагедиите во „Модуларната болница“, „Дурмо турс“ и „Ласкарци“ кога итно се реагираше со помош за семејствата – рече Петрушова.
Таа рече дека барањата на родителите се – итна и целосна институционална поддршка за сите семејства на починатите во пожарот во „Пулс“ Кочани, јасен и официјален одговор за причините за продолженото доцнење и целосната неактивност на институциите, утврдување конкретни рокови за завршување на сите постапки поврзани со поддршката, разгледување на сите преостанати точки од веќе поднесеното барање.
„Владата има законска, морална и човечка обврска да постапи јасно, праведно и одговорно. Да покаже грижа, солидарност и чувствителност кон семејствата што претрпеа ненадоместлива загуба. Нашите деца го заслужуваат тоа. Нашата болка го заслужува тоа“, е една од поентите во барањето.
„Премиере, цинично ми се смеете“
Пратеничката Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ по своето обраќање на Анкетната, ги покани родителите на состанок за да ги убеди дека претседателот на Комисијата Апасиев не треба да претседава, бидејќи обвинението за Кочани го оценил како килаво и дека Комисијата однапред е осудена на неуспех. Впечатливо беше дека пратеничката со растреперен глас им се обрати на родителите и им кажа дека нема зборови со кои можат да се утешат, но веднаш потоа жестоко го нападна Апасиев дека нема кредибилитет да ја води Комисијата. Таа им порача на родителите дека нема да дозволи да бидат манипулирани.
– Апасиев го оцени обвинението за Кочани како килаво и дека обвинението треба да падне. Тој однапред го дискредитира Обвинителството и врши притисок врз судот. Дозволете да ве заштитам од лице што е против обвинението и се плашам дека веќе зазел страна. Поради тоа, тој не може заедно со вас да ја бара правдата и да претседава со Комисијата и барам да се изземе. Барам еден час пауза и ги повикувам родителите на загинатите да дојдат со мене и да им пуштам изјави од Димитар Апасиев – рече Василевска.
Родителите одбија да се сретнат со Ивановска и прашаа каде биле девет месеци.
Апасиев рече дека ќе продолжи да претседава со Комисијата.
– Се надевав дека ќе го надминете вашиот вмровски примитивизам – рече Апасиев.
Семејствата за загинатите не отидоа во кабинетот на пратеничката Василева. Влегоа во Клубот на пратеници каде што, според информациите, беше и претседателката на државата и пратеници.
Родителка на загината девојка видно потресена од говорница им порача на пратениците дека родителите не се дојдени во Собранието за да бидат манипулирани.
– За мене трагедијата е чин на злосторничко здружување. Тие деца не беа во диско, туку на концерт, а таму може да биде и бебе и пензионер. Кој ни ја гарантира безбедноста? Трагедијата не се случи пред 20 години, туку пред девет месеци. Премиере, цинично ми се смеете, но ние не добивме помош од вас. Сакам министерот за внатрешни Панче Тошковски да одговори кој ја почна полициската контрола таа ноќ. Да почнеше контролата во 12 часот, децата ќе беа живи. Премиере, бараме морална одговорност. Да беше вашето дете, како ќе реагиравте? Не лутете ми се, јас самата си го зедов мртво моето дете и го носев. Децата беа како зомби, со свлечени кожи. Бараме одговорност од институциите и од монструмот Деко. И од агенцијата „Рубикон“ и од куп институции. Треба сите да чувствуваме морална одговорност за сите да бидеме безбедни – рече родителката.
Претставник од „Сапорт Кочани“, невладината организација што собираше донации за семејствата на загинатите и на повредените, видно изреволтиран од паузата што ја побараа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, им се обрати со зборовите.
– Да ве прашам дали одморивте, Иванка, или како веќе се викавте. Како не ви е срам, тука, пред нас, вие да се препукувате. Расправата не почнала, а вие барате пауза еден час. Ние за еден час веб-страница направивме. Ако ова е само политика, подобро да не учествувате, зашто тоа е опструкција, но ние нема да ја дозволиме. Родителите девет месеци не спиеле, ние девет месеци не сме направиле пауза, а вие сте платени за тоа и барате пауза. Вие на кондиција нема да не фатете, родителите ја сфаќаат поентата, а таа е дека нема да дозволат манипулација и тука се за да се дознае вистината. Ова е прашање за животот на тие што останаа во Кочани и нема да се откажеме и ќе се бориме до крај – рече претставникот од „Сапорт Кочани“.
Извор: Слободен печат.мк




