Групата активисти организирани од граѓанската платформа АЈДЕ по масовниот протест вечерва ја повлекоа одлуката да преноќат пред Македонскиот народен, поради дојава оти владејачката партија собира контрадемонстранти од цела држава.
-Сметаме дека од безбедносни причини најдобро е да се прекине бдеењето, имаме дојава дека многу автобуси се тргнати за Скопје во организација на ВМРО-ДПМНЕ и нема потреба да се доведуваме до таква ситуација. Секако ќе продолжиме со нашите активности, ќе видиме што ќе се случи на утрешната седница на Уставниот суд, но дотогаш претпоставувам дека бројот на контрадемонстранти пред судот ќе расте, вели за НОВА активистката Билјана Бејкова.
Такви најави почнаа да споделуваат и граѓаните на социјалните мрежи, според кои членството на владејачката партија собира демонстранти од повеќе градови во земјава со автобуси да тргнат за Скопје. Неколку наставници од Охрид и Струга вечерва се пожалиле до медиумите дека се принудени да дојдат во Скопје. Тие тврдат дека пријавиле и во Просветниот инспекторат за да дојде утре и да изврши контрола низ училиштата и да утврди дали има настава и кој ја издал наредбата просветарите наместо на часови да отпатуваат на партиска задача во Скопје. Слични наредби, како што тврдат граѓани кои инсистираат на анонимност, добиле и вработените во подрачните канцеларии на Централниот регистар.

фотографијата е преземена од Твитер
Активистите протестниот марш го започнаа вечерва во 18 часот пред Владата, од каде се упатија до народната канцеларија на претседателот Ѓорѓе Иванов и Собранието, а завршија пред Македонскиот народен театар. Нив ги придружуваа голем број опозициски пратеници, претставници на помалите опозициски партии, како и лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Демонстрантите и забележаа на полицијата бидејќи го оневозможи пристапот до Уставниот суд со жив штит и им порачаа дека и нивна должност е исто така да застанат во одбрана на Уставот.
Седницата на Уставниот суд е закажана за утре во 9 часот, но во последен момент судот одлучи таа да биде затворена и нема да биде дозволено присуство на новинари.
Доколку и во втората фаза помине Иницијативата за измени во Законот за помилување, која наиде на бурни реакции во јавноста, тогаш претседателот ќе има зголемени ингеренции и ќе може да помилува затвореници кои се осудени за изборен криминал, кривични дела против полова слобода и морал и недозволено производство и пуштање во промет на дрога.
Подносител на Иницијативата е Ристо Китевски – млад адвокат од Охрид кој е соработник во канцеларијата на Љубчо Наумовски, еден од адвокатите на Јанкулоска и Темелко – осомничени за злосторничко здружување и изборен фалсификат во случајот „Титаник“ кој е во тек.
Во одбрана на петте судии кои гласаа „за“ прифаќањето да се разгледа ваквата Иницијатива застана лидерот на партијата ГРОМ Стевчо Јакимовски чии приврзаници од рано утринава го окупираа Уставниот суд за поддршка на судиите и го оневозможија претходно закажаниот протест на активистите.




