Судот ќе одлучи што е во интерес на јавноста за случајот Шпион, а не да се меша во тоа што медиумите пишуваат, изјави министерот за правда Блерим Беџети во неделното интервју на Радио Слободна Европа, по соопштението на судот дека поради чувствителноста на самиот случајот, информациите ќе бидат селектирани а секое нивно објавување без согласност е казниво.
Што се однесува до прашањето за долгиот притвор за новинарот Кежаровски и целиот процес „Ликвидација“, од страна на новинарската фела, но и до сите чинители на правниот систем што се доживува како притисок врз нив, Беџети вели:
– Во случајот Кежаровски не се работи за слобода на мисла, на говор итн, туку се работи за конкретен случај, кој исто така е чувствителен, се надевам дека сите ќе се согласиме дека е чувствителен. Никој во државава не треба да пристапува спротивно од законите, ниту функционер, ниту новинар, писател итн. Да беше за слободата на мисла, на говор, тогаш тоа ќе беше сосема поинаку, но имајќи предвид дека пред извесно време ние пристапивме кон декриминализацијата, нема потреба од дебатирање. Сите знаеме дека се работи за сосема друг случај, доста чувствителен, во кој се обвинети повеќе лица.
Беџети ги отфрла меѓународните и домашни реакции и повиците за ослободување на Кежаровски:
-Ако почнеме една таква солидаризација, новинарите за новинарот, судиите за судијата, адвокатите за адвокатот, што треба да направиме? Да пратиме порака за рушење на правниот поредок на државата? Затоа сметаме дека само во судска постапка правото треба да биде задоволено преку законска постапка.
Што се однесува до во извештајот на Фридом Хаус, дека министерот за здравство Никола Тодоров вршел притисок врз судот за определена одлука, Беџети вели дека не е точно:
-Не ја гледам спрегата дека министерот за здравство може да врши притисок врз судството, изјавува Безети во интервју за Радио Слободна Европа.




