Проектот за тројна коалиција во албанскиот опозициски блок, според информации на Нова ТВ, се уште е далеку од реализација. Одлуката на движењето Беса на синоќешниот состанок на Централното претседателство дека е таа е отворена за трипартиска предизборна коалиција во согласност со повикот на Алијансата на Албанците, барем засега, останува во рамките на желбите, но нема посериозен допир со реалноста.

Високи извори од Алтернатива за Нова ТВ тврдат дека информациите што се пласираат во одредени медиуми дека е постигнат договор за обединување меѓу трите партии се чиста шпекулација. Велат дека просторот за соработка со БЕСА предводена од, Билал Касами, е исклучително тесен, па помалку на шега тоа симболично го опишуваат како „полн автобус во кој нема седиште за секого“.

Дека таквото „братско сценарио“ меѓу Алијансата за Албанците, Алтернатива и Беса, кое би ја довело во сериозна опасност самоувереноста на лидерот на „интегративците“ Али Ахмети, кој неодамна им упати порака на политичките противници дека „ние сме мисионери, нема сила што може да нè победи“, и натаму е само замисла потврдува и генералниот секретар и шеф на Изборниот штаб на Алијансата, Арбен Таравари.

„Остануваме на идејата да се обединиме сите три партии. Правиме се што е во наша можност тоа да се случи. Постојано сме во контакт и се надеваме дека Алтернатива и БЕСА ќе успеат да ги надминат меѓусебните недоразбирања и дека до крајот на оваа недела ќе можеме да соопштиме добра вест“, вели Таравари за Нова ТВ.

Притисокот за коалиција во албанскиот политички блок доаѓа од самите гласачи. Евентуалното обединување неминовно ќе го зголеми ентузијазмот и мотивацијата кај албанскиот електорат да излезе на гласање. Поддржувачите и симпатизерите на Алијансата и на БЕСА немаат проблем во однос на коалицирањето, но проблем е анимозитетот меѓу неколку клучни личности во врвот на двете партии.

Големиот оптимизам на Ахмети на стартот од предизборната кампања која практично неформално е почната, според аналитичарите, нема реална подлога ако се има предвид драстичниот пад на популарноста на ДУИ кај гласачкото тело, што се случи во периодот меѓу двата изборни циклуса во 2014 и 2016 година. Во 2014 година ДУИ освои 153.000 гласа, а две години подоцна само 86.000, бројка која горе-долу ја потврди и преку советничките мандати на локалните избори во 2017 година.

Тие локални избори го изместија редоследот на партии во албанскиот политички блок. Ако ДУИ стагнираше со гласовите, а Беса изгуби околу 10.000 гласа од оние 57.000 освоени на парламентарните избори десет месеци порано, единствена партија која порасна е Алијансата, која успеа да освои над 50.000 гласови (на парламентарните освои 35.000) и да ја помине Беса како втора албанска партија. Во меѓувреме, се случуваа неколку работи кои дополнително ја менуваат сликата во албанскиот блок на партии. По локалните избори Алијансата на Албанците излезе од Владата, а потоа се случи и расколот во Беса и влезот на едното крило во извршната власта – тоа на Африм Гаши кое го добива името Алтернатива.

Од Алијансата на Албанците, без оглед како ќе завршат разговорите за тројната коалиција, се убедени дека ќе победат на предвремените парламентарни избори. Сметаат дека ветер во грб ќе биде и исходот на изборите на Косово, кои донесоа значајни политички промени потиснувајќи ги притоа првпат по завршувањето на војната политичките фигури што произлегоа од шинелот на УЧК. Тоа „стоп“ за бившите герилски шефови – двата тотема на УЧК, Хашим Тачи и Рамуш Харадинај, според нив, ја прекинува „папочната врска“ со ДУИ, која исто така произлезе од воени униформи, поточно од ОНА по воениот конфликт во 2001 година и која, како што ќе рече Таравари, имала постојана логистичка поддршка од Косово.

Инаку, неполна година од претседателските избори во Македонија, независниот кандидат во таа трка, поддржан од Алијанса за Албанците и БЕСА, Блерим Река, е предложен од лидерот на Самоопределување, Албин Курти, за шеф на дипломатијата на Косово.

Курти беше чест гостин во Скопје. Во април минатата година дојде двапати јавно да изрази поддршка за претседателската кандидатурата на Река, кој му беше и професор на Курти на Косово и кој инсистираше на тоа дека влегува во трката како независен кандидат, но поддржан и од Алијансата. Река, пак, беше присутен на последниот предизборен митинг на Курти. Неизвесно е, според аналитичарите, колку и на кој начин би можела да проработи таа косовска врска со печатот на Река, но сега во корист на албанската опозиција во Македонија.