Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Фатмир Бесими денеска оствари средба со проф. Борче Давитковски, претседател на ад хок Комисијата за настаните од 24 Декември.
Давитковски му ги предаде на Бесими заклучоците и препораките од Извештајот кој го усвои Комисијата, а со кои се предлагаат конкретни мерки и активности кои треба да се реализираат од домашните институции. Препораките, меѓу другото се однесуваат и потребата од усогласување на одредбите помеѓу Законот за Собранието и Деловникот за работа на Собранието, предвидување одредби во Деловникот со кои ќе се уреди начинот на работа на координацијата на пратеничките групи, ревидирање на одредбите од Деловникот кои се однесуваат на постапката за донесување на буџетот, подготовка и усвојување на етички кодекс, зајакнување на улогата и на анкетните комисии и овозможување услови за непречено работење на новинарите кои ја следат работата на Собранието.
Соговорниците се согласија дека усвојувањето на Извештајот со консензус претставува позитивен чекор и доказ за спремноста на двете страни да ја поддржат неговата имплементација.
Вицепремиерот Бесими смета дека усвојувањето на Извештајот ќе биде соодветно нотирано и во есенскиот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, и дека ќе придонесе за понатамошен напредок во процесот на европска интеграција, соопштуваат од неговиот кабинет.




