Изминатиот период се остварени значајни резултати во однос на сите приоритетни области опфатени со Пристапниот дијалог, истакна денес вицепремиерот Фатмир Бесими на средбата со министерот за надворешни работи на Република Литванија, Линас Линкевичиус, и побара Литванија на декемврискиот самит на Унијата, како претседавач да ја поддржи препораката за определување датум за почеток на пристапните преговори.
„Земјата вложува максимални напори за исполнување на сите преземени обврски и реализација на предвидените активности во делот на европска интеграција. Веруваме дека постигнатиот напредок ќе биде соодветно нотиран во есенскиот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Покрај тоа, важно е да се продолжи и со унапредување на односите со земјите од соседството и регионот при што фокусот треба да се стави на решавање на отворените билатерални прашања. Исто така, очекуваме Литванија како земја претседавач со ЕУ и пријател на нашата земја да на декемврискиот самит на Унијата да ја поддржи препораката за определување датум за почеток на пристапните преговори“, истакна Бесими.
Министерот Линкевичиус го поздрави потпишувањето на Договорот за настаните од 24 Декември и нагласи дека е од особена важност во наредниот период земјата да се фокусира на продолжување на преговорите со Грција за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за прашањето со името, и да се имплементираат обврските од договорот од 1 март, како и да се продолжи дијалогот со новинарите за состојбата со медиумите.
Бесими исто така се сретна и со заменик претседателот на Парламентот на Република Литванија, Витаутас Гапшис, и со претседавачите на парламентарните комисии за европски прашања, надворешни работи и Групата за интерпарламентрана соработка со Западен Балкан, како и со претставници на Европскиот институт за родова еднаквост.



