Вицепремиерот за европски прашања, Фатмир Бесими, во Атина се покажал како отворен за консензус и компромис и спремен за подобрување на соработката со Грција, пишува „То вима“ по неговата посета во Атина и неговото интервју за весникот околу средбите со грчкиот шеф на дипломатијата Димитрис Аврамопулос, пренесува Утрински весник.
„Вима“ става голем акцент на волјата која ја покажал Бесими дека треба да се најде што побрзо заеднички прифатливо решение за името, кое ќе го отвори патот за евроинтеграцијата на Македонија.
Бесими во интервјуто вели дека во Атина не дошол за да понуди или да прими конкретен предлог за името:
-Тоа ќе се случи преку преговарачките канали на ОН. Јас дојдов за да потврдам уште еднаш дека нашата држава е целосно посветена на процесот на наоѓање решение“, рекол Бесими, додавајќи дека е потребно што побрзо да се најде заеднички прифатливо решение.
Бесими оценува дека доколку има доцнења за интеграцијата во ЕУ и НАТО, тогаш ова ветување за подобра иднина може да биде ставено под знак прашалник и да предизвика сомнежи.