Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими во интервју за дневниот весник Нова Македонија вели дека работите околу решавањето на спорот со името се придвижиле напред и дека сега се зборувало за конкретни решенија. Но, вели тој, иако смета дека дека земјата сега е блиску до решение, сепак, не е лажен оптимист по тоа прашање.
НМ: Веќе извесен период во јавноста имаме различни изјави што навистина се случува во спорот за името. Министерот Попоски вели дека меѓу Македонија и Грција има планини, а лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека никогаш не сме биле поблиску до решение. Вие сте член и на Владата и на ДУИ. Каква е вашата перцепција, до каде е навистина процесот за името?
Бесими: Јас пред сѐ сум граѓанин на Македонија. Но јас би рекол дека изјавата дека сме поблиску до решение сепак кореспондира и со изјавите на посредникот Метју Нимиц што ги даде во Скопје и во Атина при своите последни посети. Во тие изјави, за разлика од претходно, кога само знаевме дека има процес и дека се разговара, се гледа дека сега темата е фокусирана на две конкретни работи, каде ќе биде ставен зборот „горна“ или „северна“ во името на државата и, второ, опсегот на употреба. Тие ги имаат нивните позиции, ние нашите. Порано се зборуваше општо, сега е многу конкретизирано, што е голем чекор напред и ваква јасна слика порано немало ниту во јавноста. Секако, не е едноставна работа да се реши проблемот, а тоа го покажува фактот дека процесот трае повеќе од две децении. Меѓутоа, не е нерешлив. Мислам дека со капацитетите што ги имаме ние како соседни земји во овој момент на процесот може да му помогне меѓународно посредништво или олеснување. Посредникот Нимиц ја има таа улога, но рамката на Обединетите нации не е временски дефинирана и процесот трае веќе две децении. Нам ни треба таа рамка да добие одредена динамика, што би требало да се усогласи со европската агенда, на која двапати годишно се одржуваат совети на ЕУ. Во таа рамка треба да има и содржина, односно што се разговара. Примерот на Косово и Србија треба да го гледаме како успешна мисија.
НМ: Дали средбата на Меркел и Нимиц и изјавите на високите германски дипломати поврзани со спорот за името, може да се сметаат за вклучување на официјален Берлин во процесот?
Бесими:Ние некогаш стануваме заложници на формата, но многу се важни суштината и содржината. За нас содржината во процесот е битна, да се вклучат земјите-членки на ЕУ со свој ангажман, а во која форма не е приоритет, битно е тие да помогнат во процесот да ги смират двете страни, да го интензивираат процесот, и токму тоа мислам дека се случува. Јас сум среќен што се ангажираат земјите-членки, што не се откажуваат од целта Македонија и регионот да бидат дел од Европската Унија, оти тоа не претставува интерес само за земјите од регионот туку и за самата Европска Унија. Инаку, средбата на Меркел и Нимиц, нејзината посета на Атина, изјавите на нејзиниот советник Хојсген, понатаму иницијативата што ја имаше Франција со одредени земји-членки во ОН да се сретнат со Нимиц и со генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, за ова прашање, препораката што стои во извештајот дека Европската комисија е подготвена да направи рамка за почнување на преговорите со поглавјата 23 и 24, како и предлогот за решение за името во раната фаза од разговорите, покажуваат дека сите на некој начин сакаат да се вклучат и покажуваат заинтересираност во рамките на нивниот домен и надлежности да помогнат во процесот. Јас честопати сум критикуван поради оптимистичкиот пристап. Нам не ни останува ништо друго. Кога влегуваш на терен да играш фудбал мора да ја играш играта докрај. Не треба да се откажуваме предвреме. Не мислам дека треба да се биде оптимист на нереална основа, меѓутоа нашиот ангажман е задолжителен, ние мора да ги бараме сите форми и да сме амбициозни за ова прашање, но во исто време јас не сакам да создадам нереални очекувања дека во декември ние ќе добиеме датум.
Во интервјуто за Нова Македонија прочитајте за ставовите на вицепремиерот Фатмир Бесими околу слободата на изразување и евроинтегративните процеси.




