Претседателот Стево Пендаровски ќе направи обид да ги услогласи различните ставови на полтичките партии околу дефинирање на датум за одржување на изборите. Со оглед на разликите соопштени во јавмоста мали се шансите дека ќе се донесе некаква одлука.
На средбата се поканети претседателите на: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијансата за Албанците, Алтернатива, Движењето Беса и на ДПА, а ќе присуствуваат и претседателот на Собранието, Талат Џафери и техничкиот премиер Оливер Спасовски.
Како што претходно најавија од кабинетот на Пендаровски, на лидерската средба ќе се разговара за актуелната состојба со коронавирусот и за натамошниот тек на политичкиот процес во земјата, односно за можните термини за одржување на следните парламентарни избори.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев смета дека врвот на епидемијата е поминат и дека најоптимален термин за одржување на изборите е средината на јуни.
Опозицискиот лидер пак, Христијан Мицкоски на својот профил на Фејсбук посочи дека „според Венецијанската комисија, по завршување на вонредната состојба потребни се 60-тина дена за да се случат предвремени парламентарни избори, или парламентарни избори воопшто“.
ДУИ е за избори што поскоро, но бара датумот да зависи од тоа како ќе се изјаснат надлежните органи и институции кои ја следат здравствената ситуација.
Лидерот ДПА, Мендух Тачи денеска посочи дека на избори треба да се оди во јуни, додека Алијансата на Албанците смета дека на гласање треба да се оди кон крајот на јули или почетокот на август.
Во оваа разногласие се отвара прашањето што доколку не биде донесена одлука на лидерската средба. На ова прашање има малку одговори. Еден нив беше оној на Дамјан Манчевски од СДСМ кој предупредува на опасен преседан.
“Ќе се доведеме во безвластие во некој правен вакум, дополнителна голема отежителна околност е тоа што немаме Собрание, што за нас е апсолутна грешка значи пратенциите го имаат својот мандат се додека не се верификува мандатот на новоизбраните пратеници, ако не може да се состане Собранието тогаш зошто има Претседател на Собрание, тогаш зошто земаат плата пратениците, зошто воопшто зборуваме за оваа работа и овде се доведуваме во една друга опасност, пазете ако ние немаме Собрание и ако решиме на подолг временски период да немаме избори од х причини тогаш ќе мора да се продолжува вонредната состојба, колку и да можеби нема потреба за тоа, затоа што ние немаме механизми да функционира државата, ако нема вонредна состојба Владата ја губи можноста да може да носи било какви уредби, со што ќе фукционира системот и ние ќе се доведеме во ситуација немаме Собрание имаме Влада која што не може ништо да регулира и едноставно ќе седиме чекајќи било што да се случи се додека можеби некогаш ќе се создадат некој подобри услови за одржување на избори” предупреди Дамјан Манчевски во интервју за ТВ 24.




