Билатералните спорови не смеат да станат европски услови, како што спорот помеѓу Словенија и Хрватска не беше проблем за влез на Хрватска во ЕУ, реагира Горан Милевски, лидерот на ЛДП на Фејсбук
-Македонската евроинтеграција не смее да биде заложник на фрустрациите на Бугарија. Секое предлог решение мора да добие согласност од македонскиот парламент. Јазикот не може да биде компромис, бидејќи тоа е веќе решено прашање со Преспанскиот договор, пишува тој.
Со Преспанскиот договор, потсетува Милевски, се гарантираше влез на Македонија во НАТО и ЕУ. Ако сега едниот гарант на договорот ЕУ, не го почитува договорот, тогаш се доведува во прашање и смислата на самиот договор и колку Македонија треба да го почитува.
– ЕУ треба јасно да се изјасни, ја сака ли Македонија во ЕУ или НЕ. Ние повеќе немаме време за губење. Во ЕУ ќе влеземе како Македонци со своја вековна историја, култура, традиција и вредности, со сопствен јазик и посебности а влез како втора бугарска држава, ниту сакаме, ниту некој може да прифати, ниту кореспондира со реалноста и историјата. Историската комисија да достави на увид што се договориле со нивните колеги од Бугарија. Не може 3 историчари да бидат историската вистина. За секое нивно решение треба да има широк општествен консензус.