Димитриевски доцни 22 години вели вицепремиерот и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи во изјава за „Фронтлајн“ во врска со најавите на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски дека ќе формира политичко движење и ќе креира мултиетничко општество.
Битиќи нагласува дека граѓанско движење и национализам не одат заедно и дека македонското општество е и мултикултурно, и мултиетничко и граѓанско.
„Максим Димитриевски доцни најмалку 22 години. Македонското општество е и мултикултурно, и мултиетничко и граѓанско. Некој од неговите ментори и советници треба да му објасни дека граѓанско движење и национализам не одат заедно. Национализамот не е граѓански, туку режимски. Граѓанство или национализам? Тоа е одлуката што треба да си ја донесе Димитриевски пред да тргне во правење партија”, изјави Битиќи за Фронтлајн.
Максим Димитриевски најави формирање на политичко движење и креирање на мултиетничко општество во државата.
„Во септември ќе формираме политичко движење, а во октомври ќе ја најавиме нашата платформа и програма. Движењето кое што ќе го формираме ќе биде главниот носител на идната власт. Ќе коалицираме со сите оние што ќе прифатат да потпишат една сериозна платформа, првенствено национална за македонскиот народ, а подоцна да седнеме на иста маса и реално да разговараме како тоа се креира и формира мултиетничко, а не биетничко општество во државата“, изјави градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски во денешното гостување во утринската програма на Телма.
извор: Фронтлајн