Пропагандата и дезинформацијата имаат потенцијал да промовираат говор на омраза и насилство и да ја намалат довербата во демократските вредности, рече премиерот Зоран Заев на првиот конститутивен состанок на Акциската група што ќе ги координира државните институциите против дезинформациите и лажните вести.

Заев рече дека лажните вести се интензивираа пред референдумот за Договорот од Преспа.

„Тезите кои се пласираа во јавноста: Го губиме идентитетот и се што е македонско, готово е јазикот ќе биде северномакедонски – беа меѓу насловите.

Се сеќавате на една вест која тврдеше дека бугарски кран влезе во Македонија и ќе се отстранува споменикот на Александар Македонски. По ова мала група граѓани се собраа пред споменикот да го бранат од бугарскиот кран.

Денес сме сведоци дека сите т.н вести беа лажни. Беа креирани за да ги манипулираат граѓаните“ рече Заев.

На состанокот присуствуваше и претседателот Стево Пендаровски кој кажа дека во ера на дигитализација кога сите информации се достапни со еден клик, често се нема можност да се направи разлика меѓу издржана и професионална вест од дезинформација, но напомена дека во целиот овој процес мора да бидат вклучени и медиуми.

„Битката против дезинформациите не може да биде добиена без вклученост на медиумите“, рече претседателот Пендаровски.

Во октомври ќе почнат консултациите со граѓанските организации и медиумите за акцискиот план против лажните вести.