– Македонија е важна земја во која навистина слободно се истакнува тоа чувство, бидејќи овде во Западниот Балкан во текот на минатите години имаше толку многу конфликти и потешкотии и понекогаш луѓето стануваат цинични и песимистични во однос на тоа дали е можен прогрес и напредок. Но размислите за минатото и видете колку е подобра сегашноста од тоа што било порано и потоа размислете колку подобра може да биде иднината. Оваа прослава на мирот не е само прослава на емоции, тоа е всушност прослава на моќта на човечноста да го користи разумот за да ги надмине проблемите и да продолжи понатаму кон поголем прогрес, нагласи Тони Блер, поранешен британски премиер, во обраќањето на Самитот за мир што се одржа во рамки на првиот Сахара Балкански мировен фестивал.
Блер изрази надеж дека Република Македонија, колку што е можно побргу ќе влезе во фамилијата на ЕУ и на НАТО.
– И покрај сите проблеми Македонија успеа да изгради извонредна држава во целиот овој период. Република Македонија е на вистинското место и време за да ги достигне вистинските вредности, рече Блер, опишувајќи го светот денес во кој живееме. Пред се, смета тој, потребна е обединета Европа, затоа што предизвиците се многу јасни. Според него, Европа мора да се реформира, да се создаде единствена одбрана, енергетика… затоа што Европа има можности кои може добро да ги искористи.
– Верувам дека иднината носи можности и од тие причини се надевам дека мојата земја Велика Британија ќе одлучи да остане во ЕУ, а не да ја напушти, рече Блер. Тој смета дека се потребни и силни САД како партнер на Европа. За мир е потребен просперитет, а за да постигне тоа потребно е ефективно глобално управување, рече Блер.




