„Блесок“ го издаде романот на велшкиот писател Луис Дејвис „Мој дел среќа“, во превод од англиски јазик на Катица Гароска Ацевска.
Книгата е објавена со поддршка на Програмата за култура (2007 – 2013) на Европската комисија.
Луис Дејвис е велшки писател и издавач кој се вбројува меѓу најдобрите автори во велшката современа книжевност. Добитник е на повеќе литературни награди. Пишува романи, драми, куси раскази, поезија и есеи.
Неговиот прв роман „Работа, секс и рагби“ веднаш по објавувањето станува бестселер. Потоа следат романите „Чавкино дрво“ и „Мој дел среќа“ (кој првично бил изведуван како драмско дело). За патописот „Автопати“ ја освојува престижната награда „Џон Морган“.
Драмските текстови: „Фудбал“, „Вртење околу тркалезната маса“, „Секс и моќ“, „Супертремп“, „Сикерт и Џек Мевосек“ се прикажуваат во повеќе театри во Англија, Велс, Ирска и Шкотска. Моментално работи на драмска адаптација на текстот „Детективските инстинкти на г-ѓа Д’Силва и шејтанот од Калкута“ за театарот Тин Кан од Калкута.