„ИПАРД 3 е програма за периодот 2021–2027, чија цел е модернизација на земјоделството, развој на руралните средини и поддршка на агробизнисите.
Во рамките на претходната програма, ИПАРД 2, беа реализирани над 2.300 проекти, што ја позиционираше Македонија како регионален лидер во искористувањето на европските фондови. Блокадата го доведува во прашање континуитетот на тој напредок. Иако на макроекономско ниво блокадата претставува помалку од 1% од БДП, за земјоделството ефектот е значаен, над 11% од планираните инвестиции се загрозени.
Ова ќе предизвика реални ризици за забавување на модернизацијата во земјоделството, намалување на конкурентноста на домашното производство, намалување на вработеноста во руралните средини и сериозно поткопување на воведувањето на европски стандарди во земјоделството смета пратеникот Фатмир Битиќи кој едновремено беше и вицепремиер за економски прашања.
За некогашниот министер за финансии, Кирил Миноски пак, ваквиот потег може сериозно да го забави земјоделскиот сектор и развојот на руралните средини
Блокадата на средствата од ИПАРД 3 во износ од 128 милиони евра може сериозно да го забави развојот на земјоделството и руралните средини. Овие средства се важни за модернизација, нови инвестиции и конкурентност на македонските производители. Ваквиот застој испраќа и негативен сигнал кон Европската унија во однос на управувањето со фондовите. Се надевам дека ситуацијата ќе се расчисти и дека блокадата нема да се случи вели Миноски.
И Битиќи се надева на брза разрешница на корупцискиот скандал со цел програмата да продолжи со својата реализација.
Брзото расчистување на случајот и зајакнувањето на контролите се од суштинско значење за да се избегне целосно губење на средствата и да се зачува довербата на европските институции. Во спротивно, блокадата може да остави длабоки последици врз земјоделството, руралниот развој и економијата во целина заклучи Битиќи.
Извор: 24 инфо.мк

