“Во делот на изградба на пругата на источниот дел на Коридорот 8 сме во финална фаза пред избор на фирма изведувач која ќе започне со градба напролет. Првите две делници од оваа со инвестициона вредност од околу 200 милиони евра очекуваме да бидат завршени за 36 месеци, со што преку капиталните проекти даваме силен импакт во градежниот сектор во време на ковид криза кога капиталните инвестиции се исклучително важни за државата”, вели Министерот за Транспорт и врски, Благој Бочварски за НоваТВ.

НоваТВ: Министре Бочварски, иако во медиумите доста се шпекулираше дека на ваше место во новата Влада на Ковачевски ќе дојде поранешниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, дали сте изненадени од одлуката да ја задржите вашата позиција во новиот состав?

– Социјалдемократскиот сојуз на Република Македонија е капацитетна политичка партија која изобилува со квалитетни кадри и луѓе кои што можат да се носат со високи општествено-политички позиции и да бидат двигател на позитивните промени во македонското општество. Мандатарот има право да го избере својот тим во својот кабинет со кој ќе ги реализира приоритетите и проектите кои што се важни за граѓаните и државата.

НоваТВ: Кои се приоритетите што си ги поставивте за следниот двегодишен мандат?

– Унапредување на целокупната инфраструктура е врвен приоритет на Владата предводена од СДСМ, за зајакнување на економијата и надминување на последиците од ковид пандемијата, како и подобрување на животот на нашите граѓани. Како министер продолжувам да ги реализирам проектите од Националната стратегија за развој на патната и железничката инфраструктура во државата. Главен фокус ставаме на целосна реконструкција и доизградба на главните паневропски Коридори 8, 10 и 10-Д, за да ја задржиме конкурентноста во регионот. Во делот на патната инфраструктура продолжуваме со изградба на автопатските делници Кичево – Охрид и Скопје – Блаце, а во нашите планови е доизградба на западниот дел од Коридорот 8, Тетово – Гостивар, Гостивар – Кичево, Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола како дел од Коридорот 10-Д. Понатаму активно ги градиме експресните патишта Градско – Прилеп, експресниот пат Штип – Кочани (втората делница од Крупиште до Кочани) и Ранковце – Крива Паланка. Во фаза на проектирање е експресниот пат Битола – Меџитлија и поврзување на Струмица преку Валандово со Коридорот 10.

Продолжуваме со силно темпо со реконструкција на регионалната патна мрежа, а за мене многу важен проект е реализацијата на проектот за Поврзување на локалните патишта во општините, каде што веќе работиме на 80 километри локални патишта.

Во делот на железничкиот сообраќај, оваа пролет започнуваме со изградбата на пругата кон Бугарија, што е јасен доказ за посветеноста и подготвеноста на оваа Влада во реализација на капиталните проекти во земјата. Понатаму, планираме да објавиме нов јавен повик за финансиска поддршка на авиолинии со што ќе отвориме повеќе можности за патување на граѓаните. На микро ниво многу важни се и проектите за изградба на водоводи и канализации со што директно помагаме на општините и го подобруваме квалитетот на животот на граѓаните низ цела држава.

НоваТВ: До каде е изградбата на автопатот Кичево-Охрид и кога реално може да се очекува истиот да биде готов?

– Нема дилема дека оваа Влада ќе го изгради автопатот Кичево – Охрид. Преземавме сериозна иницијатива, формирав стручен тим во Министерството за транспорт и врски кој работеше интензивно на отклонување на проблемите. Во овој период повеќе од 25% од трасата е препроектирана, изработивме 70 нови инфраструктурни проекти кои целосно ги одобривме, со што отворивме широк фронт за работа. Во овој момент имаме напредок околу 65% од вкупната изградба на автопатот. Веќе информирав дека е потпишан Анекс на договорот со кој рокот за изведба на автопатот го продолживме до декември 2023 година. Со добра организација и со добра работа силно веруваме дека 2023 година оваа автопатска делница конечно ќе биде завршена.

НоваТВ: Дали Министерството за транспорт и врски предвидува санација на некоја друга патна мрежа?

– Како што напоменав, силно сме посветени во реконструкција и модернизација на патната мрежа низ земјата. Освен продолжување на изградба на автопатските делници и експресните патишта кои веќе ги наведов, во соработка со ЈП за државни патишта ќе работиме на рехабилитација на превојот Плетвар, патниот правец Извор – Гарски мост, рехабилитација на постоечкиот пат Битола – Меџитлија, постоечкиот пат Скопје – Блаце и Струга – Ќафасан, како и стариот пат Велес – Градско. Планираме реконструкција на дел од оштетениот пат Охрид – Пештани, патниот правец преку Галичица, патот Крушево – Демир Хисар, рехабилитација на патот Битола – Демир Хисар и други патни правци низ државата.

НоваТВ: На почетокот на вашиот претходен мандат ветиве дека ќе се посветите на патната инфраструктура, односно на изградбата на автопатишта, експресни и локални патишта. Што конкретно беше направено во претходните неколку години?

– Еве конкретно ќе ви преточам во бројки. Откако во 2017 година Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја презема власта, во овие 4 години е изградена и рехабилитирана патна мрежа во должина од преку 1000 км, а со уште посилен интензитет и фокус продолжуваме во идниот период. Ако направиме споредба со 11-те години владеење на ВМРО ДПМНЕ, имаме три пати повеќе реализирано во делот на изградба и рехабилитација на патната инфраструктура. Сите оние патишта кои што ги наследивме со лоши проекти, ги одглавивме и активно продолживме да ги градиме. Го завршивме експресниот пат од Штип до Крупиште, го завршивме експресниот пат Штип – Радовиш, 4 месеци пред предвидениот рок. Завршена е рехабилитација на транзитот Охрид, на патниот правец Кичево – Македонски Брод, Кочани – Делчево, Крупиште – Пробиштип, рехабилитација на обиколница Кочани, патниот правец од Кочани до Пониква, рехабилитација на патот Ранковце – Крива Паланка, патот Берово – Струмица, потегот од Колари до Кичево, Желино – Карпалапк и многу други патни правци. Очекуваме експресниот пат од Крупиште до Кочани оваа година да биде завршен. Работиме на реконструкција на истиочниот крак од Коридорот 8, од Куманово до границата со Република Бугарија. Ги решивме сите проблеми и на експресниот пат Градско – Прилеп и сега тој се гради со силна динамика.

НоваТВ: До каде е постапка за изградба на железничката пруга од Коридорот 8, Дали од осумте компании за двете делници се склучија договорите и се избраа компаниите?

– Во делот на изградба на пругата на источниот дел на Коридорот 8 сме во финална фаза пред избор на фирма изведувач која ќе започне со градба напролет. Првите две делници од оваа со инвестициона вредност од околу 200 милиони евра очекуваме да бидат завршени за 36 месеци, со што преку капиталните проекти даваме силен импакт во градежниот сектор во време на ковид криза кога капиталните инвестиции се исклучително важни за државата.

НоваТВ: Деновиве сме сведоци дека компанијата Беса Транс од Скопје на која вооедно и беше одземена лиценцата за работа, повторно работи на диво и превезува патнци. Сметате ли дека треба да има уште повеќе контроли и построги мерки и казни за сите оние кои на ваков начин го кршат законот?

– Законот за превоз во патниот сообраќај е многу јасен и точно утврдува кои превозници можат да превоз на патници. Немам дилема дека треба да продолжат силните контроли на терен од страна на сите надлежни институции со цел да ги подобриме состојбите во овој сектор.

Ние како Министерството веќе покажавме дека постапуваме и по пријави од Државниот инспекторат за транспорт, но и кога одземавме лиценци на сите оние кои ги прекршиле одредбите од Законот.

НоваТВ: Кои бесправно изградени објекти не се опфатени во новиот предлог закон за легализација на дивоградби?

– Сметам дека изготвивме подобрено законско решение со кое од една страна даваме фер услови за легализација на дивоградбите за граѓани кои не успеале со претходниот закон тоа да го сторат, а од друга страна ги заштитуваме националните и државни интереси, со што државата и општините ќе можат да решат голем дел на инфраструктурни објекти и ќе ги впишат во Агенцијата за катастар на недвижности, како улици, водоводи, школи и градинки и други објекти.

Што се однесува до рестриктивниот дел на овој закон, се забранува легализација на објекти изградени во Зона за строга заштита и Зона за активно управување, забрана за легализација на објекти во поединечни добра, археолошки локалитети, заштитени појаси на езера, реки, објекти за водоснабдување од прва и втора санитарна заштитна зона.

Се забранува ставање во правна рамка на урбана опрема, помошни објекти, времени објекти, базени и станбени згради со А2 намена.

Дополнително, ќе се плаќаат казнени пенали за секој кој што ќе легализира објекти за 50% повеќе од редовниот надомест за уредување на градежно земјиште за објекти до 80 метри квадратни и за 100% повеќе за објекти поголеми од 80 метри квадратни. Ги ослободуваме граѓаните со ниски примања кои што имаат пониски приходи од 180 илјади денари годишно, а еден барател може да поднесе барање за легализација на еден објект. Со ова сметам дека направивме баланс во однос на барањата на здруженијата, коморите и институциите кои што беа вклучени, како Министерство за животна средина и Министерство за култура и очекувам плодна дискусија во Собранието после што ќе биде донесен закон кој што ќе биде од корист на граѓаните.

НоваТВ: Во една ваша изјава кажавте дека секоја земја со наплатата од патарините инвестира во оддржување на патиштата. И покрај многуте патарини кои реално за нашиот стандард се превисоки, граѓаните се повеќе се жалат на лошите и небезбедни патишта низ државата. Сметате ли дека треба малку повеќе да се обрне внимение околу овој сегмент?

– Патната такса е утврдена со Законот за патишта и таа се пресметува според утврдена методологија каде се зема поминат километар од една до друга точна на автопатска делница. Во однос на прашањето за патиштата, веќе спомнав дека сме влезени во силен инвестициски цилкус, во модернизација на патната мрежа. Тука би сакал да нагласам дека голем број од црните точки кои што претходно беа утврдени низ патиштата, со изградба на нови или реконструкција на постоечките, веќе ги елиминиравме, така што сметам дека безбедноста на патиштата е крената на едно повисоко ниво. Дополнително, работиме на формирање на Агенција за безбедност на патиштата, тело со извршни надлежности кое ќе работи исклучиво на подобрување на условите за сообраќај на нашите патишта. И како проект ова е високо на агендата на Министерството за транспорт и врски кој заедно го работиме со Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за економија и други надлежни институции.

НоваТВ: Дали Министерството за транспорт и врска во овој мандат има во план да извши санација на патот преку планинскиот превој Плетвар?

– Во план е веќе оваа пролет градежни компании да влезат во градежни активности на целата траса на превојот Плетвар и да започнат со рехабилитација овој многу значаен патен правец со што ќе се рехабилитираат 19 километри со вредност од преку 5,5 милиони евра.

Сметаме дека на овој начин ќе ја зголемиме безбедноста и квалитетот на сообраќај на овој превој.

НоваТВ: Се шират гласини дека е можно поврзување на Тетово со Призрен директно преку Шара? Колку има вистина во ова и дали ваквата идеја би била изводлива?

– Со косовското Министерство за инфраструктура веќе имавме неколку работни средби и го отворивме и ова прашање. Преку ЈП за државни патишта е изработена физибилити студија за изградба на овој патен правец. Понатаму ќе продолжат да се реализираат сите следни чекори во насока на комплетирање на техничка документација и изградба на овој патен правец за кој што претседателите на владите на Република Северна Македонија и Република Косово потпишаа Меморандум за соработка. Секако ние имаме интерес за реализација на тој патен правец со што очекуваме развој на северозападниот регион, планинските центри Попова Шапка и Маврово и раздвижување на економијата во двете земји.

Ивана Рамаданова