Општина Центар врши комплетна ревизија и проверка на неколку објекти и споменици од проектот „Скопје 2014“, пред се, Мајка Тереза, Градската куќа, заедно со хотелот што се гради, мостот „Око“, а за Андон Ќосето се проверува дали има одобрение за градба, изјави денеска градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Проверката се врши во соработка со МВР, СЈО и Јавното обвинителство.
– Со функционалната ревизија која ја предвидуваме во 2018 година сакаме до милиметар да испитаме што и како е градено, како е продавано дел од земјиштето. Во комисијата се вклучуваат и правници, урбанисти и стручни лица за јавни набавки. Многу брзо ќе дојдеме до некои сознанија, уште до крајот на годината, а некои, што се комплексни, ќе почнат по Нова година, рече Богдановиќ.
Најави отворање процеси со изградените дивоградби и воведување ред во урбанизмот.
За катната гаража „Никофон“, Богдановиќ рече дека има две кривични пријави за поранешните министри за транспорт и врски Миле Јанакиески и Влади Мисајловски, но, како што рече, ништо не е преземено. Се предвидува таму да остане паркинг и да се зголемат капацитетите за паркирање.