Импровизиран споменик во форма на портрет на претседателот Иванов денеска беше мета на демонстрантите кои потсетија дека не се откажуваат од барањето за укинување на аболицијата.
Иако колоната од демонстранти тргна кон претседателската резиденција, тие од полициски кордон во близина на објектот беа спречени да го продолжат патот. Таму, на разглас се пуштаа бомбите за апсењето на Љубе Бошковски, за разговорите во кои функционери од власта признаваат за прекумерното трошење и слично. Разговорите од бомбите дополнително ги револтираа присутните граѓани кои скандираа „Уа криминалци“.
Протестот традиционално започна пред СЈО, а оттаму граѓаните движејќи се кон Водно со натписи „Слободата е шарена“, „Смрт за режимот“ и „Чекам слобода“ – на автобуските станици, го обележаа патот по кој за првпат поминуваа учесниците на Шарената Револуција.
По говорите во близина на резиденцијата на Иванов и бојадисувањето на неговиот портрет, учесниците мирно се разотидоа.
Граѓаните обединети под движењето #Протестирам бараат повлекување на одлуката за аболиција и оставка на претседателот Ѓорѓе Иванов, формирање на специјално одделение на Кривичниот суд за предметите на Специјалното јавно обвинителство, како и повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни. Дел од барањата се и вклучување на граѓанското општество во решавање на кризата и формирање на преодна влада.




