„Во Интерпол и УНЕСКО ме знаат како голем експерт за криминал со артефакти, а дома ме судат како криминалец“, изјави денеска пред судот првообвинетиот во случајот „Фаланга 2“, Илче Бојчевски, раководител на одделение за превенција во Управа за заштита на културно наследство, јавува Телеграф.
Тој рече дека сè што правел било со амин на Бирото за јавна безбедност за разбивање на меѓународен канал на шверц со артефакти и ги отфрли сите точки од обвинението.
Бојчевски во својата одбрана рече дека воопшто целиот случај „Фаланга“ почнал од сознанијата на еден од сега обвинетите, Давид Шекуларац од Србија, и дека сите нивни работи биле следени и снимани од страна на Бирото за јавна безбедност со лична согласност и во договор со тогашниот директор Љупчо Тодоровски за да се влезе во трага на нелегалната трговија со предмети од културно значење за Македонија.
Со „Фаланга 2“ опфатени се 15 лица. Поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, се товари за злоупотреба на службената положба бидејќи нелегално издал согласност на две лица да вршат ископувања во околината на Катланово и кај Делчево.
Првиот локалитет бил кај местото Драмски Рид во околината на Делчево каде се претпоставува дека во еден напуштен и затрупан тунел било оставено големо количество оружје од германската војска во Втората светска војна, а вториот локалитет бил кај Катланово каде се трагало по закопано злато вредно неколку милиони евра.
Според обвинението, не биле наведени точните локации каде што требало да се изведуваат ископувањата, а на двата локалитета обвинетиот Кузман го назначил обвинетиот Звонимир Николовски да врши археолошки надзор, додека како координатор се јавува обвинетиот Илче Бојчевски, но за тоа нема никаква официјална документација.




