Болните од леукемија се подготвени да плаќаат доплата во цената, само за да можат да го користат лекот со кој се лекуваа до сега. Откако беа принудени да почнат да го примаат лекот кој што доби на тендер поради пониската цена, а за кој тврдат дека е недоволно испитан и не е соодветен за нивната болест, пациентите се обидуваат да најдат излез од ситуацијата.
„Сега имаме еден неиспитан лек кој се дава на заболените, а кој никој не го прима во Европа. Имакребинот е регистриран во некои европски земји, но ниту една не го дава на заболените од хронична миелоична леукемија. Кај нас има пациенти кои имаат многу добар одговор на лекот гливек што го примаа досега. Нека се најде начин на одредени заболени кои сакаат да извршат доплата за гливек, да им се овозможи тоа. Треба да има дијапазон на лекови и лекарите да одлучуваат што е најдобро за пациентот. Во таа смисла сакаме да седнеме да поразговараме со здравствените авторитети во Македонија изјави Пепо Леви претседател на Здружението на заболени од леукемија.
Леви потенцира дека и кај оргиналниот лек Гливек не реагираат 15 проценти од пациентите, а со генеричкиот лек тој број сигурно ќе биде зголемен. „Ова значи дека на 80 заболени ќе имаме 12 до 15 луѓе годишно осудени на смрт. Не можеме леукемијата да ја третираме како најобична настинка“, изјави Леви.




