„Се надевам дека нема да дозволат колегите од опозицијата, ниту пензионерите ниту социјалните случаи ниту пак другите во земјава да стравуваат дека нема да биде донесен Буџетот“, изјави пред новинарите Силвана Бонева, координатор на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ.
„Јас сум убедена дека претседателот на Комисијата за финансирање и Буџет ќе работи согласно со новите правила утврдени во Деловникот за работа на Собранието, каде што јасно има дадено 10 работни дена каде што Комисијата може да работи и да го искористи целото време за амандманска расправа и за општ претрес и 5 дена на собраниска седница. Тоа ќе биде доволно и за претставниците на опозицијата и на мнозинството да ги кажат своите ставови по однос на Буџетот“, рече Бонева.
Според неа навестувањето дека повеќе од 600 амандмани веќе се подготвуваат, треба да биде сигнал за претседателот на Комисијата што побргу да свика координација за да може да го распределат времето како ќе работи комисијата, колку дена ќе се одделат за општ претрес, колку за амандманска расправа.
„Жалам што не беше прифатен, односно не се доврши работата со новиот Деловник за работа, истакна Бонева, вклучително и етичкиот кодекс, бидејќи имаше веќе договорено повеќе денови за расправа во Собранието и јасно утврдено време за секој чекор од буџетската расправа, но имајќи во предвид дека ваквите правила речиси беа прифатени од опозицијата, само што не беа изгласани, мислам дека веќе претседателот на Комисијата ќе ги има во предвид овие правила и дека многу полесно ќе може сите да се договорат за начинот на работење, се со цел да се поминат сите амандмани и да не остане некој амандман кој што нема да има можност да биде разгледан во Собранието“.




