Петре Шилегов и СДСМ се обидуваат врз основа на неосновани и тенденциозни обвинувања да ја оцрнат мојата личност и угледот на моето семејство, реагира пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, по денешниот прес на портпаролот на СДСМ, Петар Шилегов.
-Сите одговори по однос на нивните манипулации, веќе ги дадов во изминатите реакции.
За целокупниот имот на моето семејство надлежните институции може да проверат и да потврдат дека е стакнат по законски пат. Впрочем и сите граѓани, особено во Струмица, знаат дека јас и мојот сопруг потекнуваме од чесни и трудољубиви семејства кои со години макотрпно работеле и стекнувале имот кој потоа го наследиле моите деца.
Оттука, прес конференциите на СДСМ се само неоснована дисквалификација кон мене и моето семејство и тенденциозен обид на тој начин да ги покрие скандалите на нивниот претседател Зоран Заев со тендерските постапки во Општина Струмица, реагира Бонева.
Шилегов денеска ја обвини Бонева дека лаже:
-Во недостиг на одговор како во денешно време во ист ден се купуваат два стана во центарот на Скопје за околу 360 илјади евра, Силвана Бонева лаже, рече портпаролот на СДСМ, , кој ги посочи претходните Анкетни листови на координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Наследството на кое се повикува Силвана Бонева, во обидите да ја оправда вртоглавата сума од 360 илјади евра изнесува 30 илјади евра. Тоа покажува лично нејзината пријава до Антикорупциската комисија во февруари лани. Две куќи и земјоделски земјишта, за кои до Антикорупциската комисија се изјаснила дека се стекнати со наследство и во вредност од околу 30 илјади евра.
Координаторката на ВМРО-ДПМНЕ, Бонева во три Анкетни листови по ред наведува имот на деца од 375 евра. И лани во февруари во Анкетниот лист на Бонева стои имот на деца, заштеда од 375 евра.
– Вашите синови во февруари минатата година живееле со вас координаторке Силвана Бонева и при тоа како што вчера јавно изјавивте заработувале по 10, 15 илјади евра по проект, каде се тие пари во овој Анкетен лист од февруари 2013 госпоѓо Бонева?“, праша Шилегов.
„Ако се споредат вашите Анкетни листови од февруари 2013 и денешниот, на 24 јануари 2014, разликата во имотот е 30 илјади евра.
– Од каде тогаш, во меѓу периодот од една година, се појавуваат уште 330 илјади евра?
Вашите синови ги купиле двата стана во центарот на Скопје вредни 360 илјади евра во ист ден! На 17 јули 2013 година. Еве, тоа го покажуваат Имотните листови за тие два стана на име на вашите два сина“, објави портпаролот на СДСМ.




