Утре во Јајце ќе започне одбележувањето на 70-годишнината од одржувањето на Второто Заседание на АВНОЈ, на кое во 1943 година се донесени судбоносните одлуки за иднината нанародите на Југославија.
Во нив е утврдено формирање на федеративна заедница на народите и за прв пат во историјата е утврдено и правото на самоопределување на Македонците и формирање на сопствена државна структура. Трочлената делегацијата од Македонија, предводена од Густав Влахов, во тие воени услови, не успеа да пристигне и присуствува на одржувањето на ова Заседание, кое се одржа на 29 и на 30 ноември 1943 година.
На средбата на претставници на боречките организации од Народноослободителната и антифашистичка борба од поранешните југословенски републики ќе учествува и Делегација на Сојузот на борците од Македонија и граѓаните продолжувачи, предводена од преседателот на Комисијата за меѓународна соработка, Благој Зашов, а во име на Претседателството членот на Претседателството, Борко Зафировски.
На Научниот собир „Второто заседание на АВНОЈ и државноста на земјите наследнички на СФРЈ“ ќе учествува членот на Комисијата, Виктор Габер со излагање „Oдлуките на АВНОЈ во Јајце во процесот на меѓународната верификација на државнотворноста на македонскиот народ“, додека научни соработници на Институтот за национална историја од Скопје ќе достават свои прилози.




