Македонската фудбалска репрезентација доби нов селектор – Бошко Ѓуровски, познато име во македонскиот фудбал и поранешен репрезентативец.
Фудбалската федерација на Македонија денеска официјално информираше дека со Ѓуровски е потпишан двегодишен договор, со можност за продолжување на уште две, кој стапува на сила од 1. јануари 2014.
„Одлуката за избор на новиот селектор беше донесена според претходно дефинираните критериуми на ФФМ. Тренерското искуство, остварените тренерски резултати, имиџот во јавноста, карактерот, подготвеноста да има директен увид во случувањата во македонскиот фудбал и едукацијата на тренерите, како и покажаната желба за извршување на функцијата, пресудија изборот да биде – Бошко Ѓуровски.
Како Федерација верувавме во неговите квалитети и способности, и сметаме дека со својот карактер, професионализам и пред се успешно професионално тренерско искуство ќе ги подигне стандардите на работа, дека ќе биде селектор кој во даден момент ќе го прави најдобриот избор на фудбалери и ќе постави најсоодветна тактика зависно од противниците. Сметаме дека ќе биде селектор, кој со својот стручен тим максимално сериозно ќе му пристапува на секој натпревар, ќе создаде компактен тим, каде поединците ќе бидат во функција на колективот и ќе имаме успех. Федерацијата со сите свои капацитети ќе го поддржи во неговата работа, ќе му обезбеди слобода и идеални услови за работа, а се со цел, успех во следниот квалификациски циклус.
Веруваме дека имаме иднина, дека овој наш реномиран фудбалски работник, ќе создаде синергија, напорно ќе работи со младите таленти, ќе придонесе да се развиваат како фудбалски така и со карактерни особини, кои треба да ги има еден репрезентативен фудбалер. Конечно, сметаме дека ќе биде селектор кој ќе го вади максимумот од своите избраници и ќе ја предводи македонската фудбалска репрезентација кон успех во еден квалификациски циклус“ – се вели во официјалното соопштение од ФФМ.
Официјалната промоција на Бошко Ѓуровски на селекторската функција ќе биде на 12 декември 2013 година.
Ѓуровски во својата кариера како тренер, помеѓу другите, како позначајни тимови во кој бил одговорен се ФК Сервет од Швајцарија, и Црвена Ѕвезда од Србија.
фото „Журнал“




