Новинарот Зоран Божиновски, кој беше уапсен во Нови Сад неодамна, како дел од акцијата „Шпион“ и се наоѓа во притвор во Србија, тврди дека зад апсењето стои Цане Суботиќ, во интервју за босанскиот портал Миксер, објавено вчера.
-Сигурен сум и имам докази дека зад моето апсење стои Цане Суботиќ и дека поводот е моето интервју за црногорскиот весник „ИН4С плус“.
Зад апсењето стои актуелната српска политика, која ги подмирува старите сметки кон Суботиќ, а тој е во најтесна врска со Сашо Мијалков, директорот на тајната полиција на Македонија, додава Божиновски.
Божиновски вели дека никогаш никого не уценувал, за никого не шпионирал и дека има докази за сето тоа. Од 1999 година до денес во сите неприлики во кои се нашол, зад него, како што вели, стоеле Стејт департментот, ЕУ, ОН, Хелсиншкиот комитет, Репортери без граници, Светската новинарска организација, СЕЕМО, ИЦГО Македонија (Суад Мисини).
Во притворот кон него се однесуваат добро, вели тој, иако условите не се баш најдобри, сепак нема поголеми замерки.
Божиновски го отпуштил бранителот кој му бил поставен по службена должност и сега го застапува адвокатот Горан Петронијевиќ.
Инаку, Здружението на новинари на Србија (УНС) по апсењето на Божиновски соопшти дека е загриженo и потсети дека судот неодамна во Македонија, без важечки правни причини, го осуди новинарот на “Нова Македонија” Томислав Кежаровски до четири и пол години затвор “за откривање на идентитет на сведок во случај на нерасветлено убиство.”
Таквата практика на Судот во Скопје го осуди Европската федерација на новинари (EFJ), Југоисточна Европа Медиумската организација (СЕЕМО) и УНС.
УНС затоа бара од Министерството за правда на Србија дека кога се одлучува за екстрадицијата на Зоран Божиновски на држава која со спорни пресуди осудува новинари и бара нивно апсење, да биде особено внимателен и да ги испита сите околности од значење за заштита на правата и интересите на професионалните новинари.




