Во интервјуто на босански „Миксер“ објавено вчера, македонскиот новинар кој се наоѓа во притвор во Србија, Зоран Божиновски, вели убеден е, и има докази дека зад неговото апсење стои Цане Суботиќ, а поводот е неговото интервју за црногорскиот весник „ИН4С плус“.
– Зад апсењето стои актуелната српска политика, која ги подмирува старите сметки кон Суботиќ, а тој е во најтесна врска со Сашо Мијалков, директорот на тајната полиција на Македонија – вели Божиновски.
Тој вели дека во притворот кон него се однесуваат добро, дека условите не се баш најдобри, ама дека нема поголеми замерки. Божиновски го отпуштил бранителот кој му бил поставен по службена должност и, како што вели, сега ќе го застапува адвокатот Горан Петронијевиќ.
Новинарот Божиновски во интервјуто вели дека никогаш никого не уценувал, за никого не шпионирал и дека има докази за сето тоа. Тој додава дека од 1999 година до денес во сите неприлики во кои се нашол, зад него стоеле Стејт департментот, ЕУ, ОН, Хелсиншкиот комитет, Репортери без граници, Светската новинарска организација, СЕЕМО, ИЦГО Македонија.




