новинар: Саше Димовски
Нов претседател на Судскиот совет од денеска е Бранко Ушковски, поранешен правник во Министерството за одбрана, избран на предлог на ВМРО ДПМНЕ во Советот.
Тој ја заменува Александра Зафировска која 4 години, во два мандати го водеше Советот, а од 20.декември до денеска не се закажуваше седница, иако мандатот и беше истечен.
Бранко Ушковски е единствен член на Советот од редот на кандидатите Македонци кој никогаш не бил судија, а беше предложен од Влатко Самарџиски, член на Советот и судија на скопска апелација.
Со денешниот избор на Ушковски се потврди влијанието на политиката во судството.
Министерот за правда Аднан Јашари кој присуствуваше на седницата не сакаше да одговори на новинарските прашања дали ДУИ го блокира во Собранието донесувањето на законот за Судски совет, со кој на Александра Зафировска требаше да и се продолжи мандатот уште една година.
Јашари изјави дека морало да се одржи седница и да се избере претседател со што би се деблокирала работата на Судскиот совет. Не одговори на прашањето за снимките на кои министри и партијата на власт одлучуваат кој ќе биде судија и дали тој сигурно е партиски човек.
„Ќе свикам прес конференција дополнително за овие теми“ – рече министерот за правда Јашари.
Сепак, сам посака да одговори за прислушувањето и уште еднаш побара меѓународен посредник за решавање на политичката криза. За довербата во институциите и правна завршница на оваа афера, Министерот ги упати медиумите да бараат одговори од граѓаните дали и колку им веруваат на институциите.
Новиот претседтел на Судскиот совет треба да предложи заменик претседтел на советот од редот на членовите Албанци.




