Британската премиерка Тереза Меј по седумчасовната средба на владиниот кабинет, изјави дека повторно ќе побара од Европска унија да го продолжи периодот за преговори за Брегзит и оти ќе се обиде со лидерот на лабуристите Џереми Корбин да го прекине „застојот“ во Парламентот.
Меј истакна дека на Велика Британија и е потребно да се продолжи периодот за активирање на членот 50 од Лисабонскиот договор, што се однесува на излегување од ЕУ, на што е можно пократок временски период, за да се избегне излез од Унијата без договор.
Британската премиерка Тереза Меј треба веднаш да поднесе оставка, изјави Андреј Бриџен пратеник од нејзината Конзервативна партија, кој се залага за таканаречениот „тврд“ Брегзит.
– Таа треба добро да се погледне во огледало, за доброто на нашата земја, нашата демократија и конзервативната партија таа треба веднаш да замине, изјави Бриџен за Скај Њуз.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск смета дека лидерите на ЕУ треба да бидат трпеливи со Велика Британија кога се во прашање нејзините напори да добие мнозинска поддршка за договорот за излез од Унијата.
– Треба да бидеме трпеливи, дури и ако по денешниот ден не знаеме каков ќе биде конечниот резултат, напиша Туск на Твитер, по изјавата на британската премиерка.
Министрите за надворешни работи на Германија и Франција побараа Велика Британија да биде побрза и појасна.
– Сакам да кажам, информирајте не ако дојде до промена. Три години по својата одлука, Британците мора да излезат со јасен план, во спротивно, мислам дека ќе сведочиме на тежок Брегзит, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан на заедничката прес-конференција со германскиот колега Хајко Мас.
– Не е пет до 12, туку пет минути после 12 и тоа мора да го знаат и оние во Лондон, рече Мас.
ЕУ и даде рок на Британија до 12 април да го усвои Договорот за Брегзит, со кој земјата би ја напуштила Унијата до 22 мај, непосредно пред европските избори. Доколку не биде усвое, Британија на 12 април треба да ја напушти Унијата без Договор. Но Британскиот парламент досега во повеќе наврати не успеа да обезбеди мнозинство за ниту една друга опција.




