Британските пратеници синоќа гласаа за осум различни опции за Брегзит, но ниту една не доби доволна поддршка во Парламентот, кој се обидува да најде алтернатива за Договорот кој премиерката Тереза Меј го постигна со ЕУ, а кој пратениците веќе двапати го отфрлија.
Меѓу опциите за кои се гласаше беа: напуштање на ЕУ без договор, останување во царинска унија и единствениот пазар на ЕУ, организирање референдум за договор за напуштање на Унијата, како и поништување на Брегзит, ако излезот од ЕУ без договор стане реална опција.
Најголема поддршка доби планот за останување во царинска унија и после Брегзит.
Пратениците планираат да го намалат списокот на опциите за кои повторно ќе гласаат во понеделник.
Корбин: Се е партиски, а не државен интерес
Лидерот на опозициската британска Лабуристичка партија, Џереми Корбин изјави дека понудата на британската премиерка Тереза Меј да поднесе оставка во замена за поддршка на нејзиниот план за Брегзит пред Парламентот, покажува дека сѐ се сведува околу партиските, а не околу државните интереси.
– Ветувањата на Меј кои им ги даде пратениците конзервативци дека ќе се повлече од функцијата доколку гласаат за нејзиниот договор, покажува еднаш засекогаш дека нејзините хаотични преговори за Брегзит се однесуваат на партискиот менаџмент, а не на принципите и на државните интереси, напиша Корбин на Твитер.
Меј претходно синоќа истакна дека е подготвена да поднесе оставка, со цел да овозможи нејзиниот предлог за спроведување на Брегзит да добие поддршка во Парламентот.
– Потребно е да постигнеме договор и да го спроведеме Брегзит, нагласи британската премиерка во своето обраќање пред Парламентот.
Во соопштението од нејзиниот кабинет се наведува дека „таа била подготвена да ја напушти премиерската позиција порано од планираното, со цел да се направи она што е неопходно за земјата и за партијата“.





