Министрите за финансии од еврозоната денеска во Брисел ќе одржат состанок, на кој ќе дискутираат за реформите, предложени од грчката Влада.
Министерот за финансии на Грција, Јанис Варуфакис во петокот испрати писмо до претседателот на Еврогрупата, Јерун Диселблум, во кое според агенцијата АФП, содржело седум клучни реформски мерки кои грчката Влада планира да ги спроведе во замена за дополнителната помош од кредиторите од ЕУ и ММФ.
Мерките вклучуваат справување со „хуманитарната криза“, реформи во администрацијата и нова шема за уредување на задоцнетите заеми кон државата, измени во собирањето на даноците, создавање на совет, кој ќе ги следи и ќе дава совети за даночните прашања, како и формирање на нов орган за сеопфатни даночни инспекции.
Се очекува Варуфакис на дневен ред да ја постави и приватизацијата, која Атина планира да ја спроведе, вклучувајќи ги и дополнителните инвестиции во најголемото пристаниште на земјата, Пиреја, како и во железничката мрежа.




