ЕУ за првпат годинава најавува дека планира да го стави под мониторинг финаниското работење и буџетот, така што Владата ќе треба да изработи економски акционен план и национална стратегија за реформи и тоа ќе биде еден од условите на Брисел рамен со политичките критериуми.
Македонија и Турција се единствените земји кои директно се посочени во однос на правата на геј заедницата, со испорачано барање да си ги сменат законите, а Брисел ќе го издигне ова прашање повисоко на агендата со организирање конференција на високо ниво.
Извештајот исто така најавува намера на ЕК да ги отвори сите прашања околу слободата на изразување, од транспарентност на сопственоста, регулирање на рекламите, воспоставување на медиумски пазар, па до востановување нова награда за извонредно новинарство за да ги подигне стандардите.
Во извештајот стои дека ниту една земја од Западниот Балкан нема функционална пазарна економија, дека демократските институции се слаби, дека недостига култура на консензус, дека улогата на парламентите е неразвиена, дека екстензивно се користат скратените процедури за усвојување закони, дека комисиите внатре се многу слаби и што најмногу се препознава во Македонија – дека изборите се видени како можност да се стави партиска контрола врз државните институции повеќе од тоа што е нормално по избори, со констатација дека и на почетничките функции во администрацијата именувањата се политички.




