Британскиот премиер Борис Џонсон предложи денеска распишување предвремени избори на 15 октомври во случај да претрпи нов пораз во Парламентот заради Брегзит.
За време на остра размена на реплики во Долниот дом на Парламентот, Џонсон го предизвика лидерот на опозицијата Џереми Корбин да поддржи распишување избори на 15 октомври „за да може луѓето во таа држава да го изразат својот став“.
Џонсон го нарече планот на лабуристите да спречат Брегзит без договор како „предавство“.
Лидерот на лабуристите Џереми Корбин нагласи денеска дека опозициските партии нема да паднат на „триковите на Борис Џонсон“ и нема да поддржат нови избори додека не бидат уверени дека заканите за Брегзит „без договор“ се отстранети.
– Џереми јасно кажа дека лабуристите сакаат избори и тоа наскоро, но дека нема да паднеме на трикови на Борис Џонсон, соопштија од неговата партија.
Џонсон возврати дека „постои само една работа што е пречка на патот, а тоа е предавство што мометно го предлагаат лидерите на опозицијата“.
Џонсон синоќа доживеа тежок пораз во Парламентот, откаки противниците меѓу неговите ториевци и опозициските пратеници гласаа за преземање контрола врз излезот на Британија од ЕУ.
Британскиот парламент одобри започнување постапка за усвојување закон со кој ќе се спречи Брегзит без договор.
За таквиот предлог гласале 328 пратеници, а 301 биле против.
Би Би Си објави дека сите 21 пратеник од владејачката Конзервативна партија, кои гласале за започнување постапка за усвојување закон со кој ќе се спречи излез на Велика Британија од ЕУ без договор, се отстранети од партијата. Меѓу нив се и поранешниот министер за финансии Филип Хамонд и внукот на некогашниот британски премиер Винстон Черчил, Николас Соумс.
Парламентот за одложување на Брегзит, односно за излез од ЕУ без договор, ќе се изјасни денеска.




