Лидерот на Лабуристите, Џереми Корбин ја нарече администрацијата на Тереза Меј “влада на зомби” која “не може да управува” и побара да се одржат парламентарни избори.
Отворајќи ја дебатата во Парламентот за иницијативата за гласање недоверба, Корбин рече дека владата “треба да го направи вистинскиот потег и да поднесе оставка” по историскиот пораз вчеравечер по предложениот договор за Брегзит.
Премиерката Тереза Меј рече дека Парламентот одлучил да го постави прашањето за членство во Европската унија и сега Парламентот мора и да ја заврши работата.
Таа рече дека постојат два начини да се избегне ситуацијата – или нов договор или отповика членот 50 од Лисабонскиот договор што би значело останување на Британија во ЕУ.
Но Меј посочи дека „останувањето во ЕУ би значело прекршување на резултатите од реферндумот“ и дека тоа Владата не би го направила.
Меј исто така посочи дека изборите “едноставно не се во интерес на земјата”.
Нејзиниот говор во Парламентот таа го заврши со напад врз лидерот на Лабуристите Корбин:
-Она што тој и го направи на неговата партија е национална трагедија, она што тој ќе и го направи за земјата ќе биде национална катастрофа, рече Меј.
Гласањето за недоверба се очекува да биде во 19 часот по локално време.
Корбин е поддржан од пратениците од Шкотската национална партија, Либералдемократите, социјалдемократите од Велс (Плеид Кимру) и Партијата на зелените.

Меѓутоа, високи функциониери во Лабуристичката партија сепак сметаат дека гласањето за недоверба сепак нема да успее, бидејќи Меј има поддршка од одметниците од Конзервативците и 10 пратеници на Демократската унионистичка партија од Северна Ирска.
Најгласниот заговарач за Брегзитот, Борис Џонсон рече дека големиот пораз вчера, на премиерката и дал “огромен мандат да се врати во Брисел” за да преговара за подобар договор..
Лидерот на Унионистите Најџел Додс за Би-Би-Си изјави дека неговата партија ќе ја поддржи владата во гласањето за недоверба, бидејќи сé уште има можност да ги исполни резултатите од референдумот.
Според Актот за парламентарни избори од 2011 година, парламентарни избори во Велика Британија се одржуваат секои пет години. Следните би биле во 2022 година.
Но, гласањето за недоверба им овозможува на пратениците да одлучат дали сакаат Владата да продолжи. Предлогот би морал да се формулира како „овој Дом нема доверба во Владата на Нејзиното Височество”.
Доколку мнозинството пратеници гласаат за предлогот, тогаш започнува период од 14 дена, во кој ако сегашната Влада, или која било друга алтернативна влада не може да добие доверба на ново гласање, тогаш ќе бидат распишани предвремени избори.
Но Корбин рече дека целта на овој Акт “никогаш не бил да поддржи влада на зомби”, велејќи дека премиерката “ја изгубила контролата” и претрпела “историски и понижувачки пораз”.
Британија пред 4 сценарија: Нови преговори, тврд Брегзит, пад на Владата или референдум





