Британските пратеници гласаа за да ја преземат контролата од Владата врз дневниот ред на Парламентот за да можат утре да одржат низа гласања за алтернативните опции за Брегзит.
Тоа е чин без преседан, со цел да се обезбеди мнозинство за која било опција за Брегзит.
За преземање на контролата над дневниот ред на Парламентот гласаа 329 пратеници, додека 302 беа против.
Пратениците би можеле да гласаат за седум различни опции, вклучително и одржување на нов референдум, излегување од Европска Унија без договор или со договор каков што има Норвешка, а со кој Велика Британија би имала пристап до единствениот пазар на ЕУ и до зоните за слободна трговија. Една од опциите би можела да биде откажување од Брегзит.
Премиерката Тереза Меј изјави дека не ветува дека ќе се придржува кон оваа одлука.
Тројца министри поднесоа оставка и гласаа против Меј
Триесетина пратеници од Конзервативците на Меј гласаа против Владата, од кои и тројца министри, поради што Ричард Харингтон, Алистер Берт и Стив Брин поднесоа оставка за да можат да се приклучат на пратениците и да гласаат против Меј. Харингтон ја обвини Владата дека “игра рулет со животите и со средствата за живот” на Британците.
Харингтон во писмената оставката вели дека како министер за индустрија, му било кажано дека владиниот пристап кон Брегзит “резултирал со откажани одлуки за инвестиции, а британските бизниси станале предмет на потсмев”.
Меј се обиде да го отфрли поразот, нудејќи им на пратениците серија гласања за алтернативите на Брегзит, организирани од Владата.
Таа рече дека тоа што пратениците го преземат дневниот ред на Парламентот е “невиден преседан”.
Но, поддржувачите на амандманот што го поднесе Оливер Летвин велат дека не и веруваат на Владата и треба пратениците да ја преземат контролата за опциите за Брегзит.
Секретарот за Брегзит во сенка, Кир Стармер, на Твитер напиша: “Уште еден понижувачки пораз за премиер кој ја изгуби целосната контрола врз нејзината партија, нејзиниот кабинет и на целиот Брегзит процес“.
Поранешната министерка за Брегзит, Суела Браејверман, за Би-Би-Си изјави дека станува збор за “парламентарен масакр”.
-Пратениците [во Долниот дом], каде што знаеме дека има мнозинство против Брегзит, кои не сакаат да го почитуваат референдумот, кои не сакаат да ги почитуваат референдумските ветувања, се обидуваат да направат преврат и тоа е неприфатливо, рече Брејверман.
Што е следно?
Во серија т.н. индикативни гласања, пратениците ќе можат да гласаат за повеќе опции – најверојатно ќе вклучат “помек Брегзит”, царинска унија со ЕУ или одржување уште еден референдум – чија цел е да ја тестира волјата на Парламентот за да ја види, ако ништо друго, што е она што обезбедува мнозинство.
Но, во амандманот не се утврдува прецизниот формат на гласањето и начинот на кој тоа ќе се спроведе.
Меј рече дека е “скептична” во врска со процесот – бидејќи не нуди гаранции дека ќе обезбеди мнозинство за која било опција, и укажа дека тој нема да биде обврзувачки за Владата да го почитува резултатот.
-Гласовите би можеле да доведат до исход кој не може да се преговара со ЕУ”, изјави таа за пратениците.
Парламентот се очекува оваа недела да го усвои законот за одложување на датумот за Брегзит, предвиден за 29 март, за најмалку до 12 април.
Портпаролот на Одделот за напуштање на ЕУ рече дека кога се разгледуваат можностите на Брегзит, пратениците треба да имаат предвид колку долго ќе се преговара и дали тоа ќе бара подолго одложување и дали Велика Британија треба да учествува на европските парламентарни избори, планирани за периодот од 23 и 26 мај.
И британската Влада и Европската комисија сметаат дека ако Велика Британија не ја напушти ЕУ до крајот на мај, законски е обрвзана да одржи веропски избори.
Договорот што Меј го постигна со ЕУ веќе двапати беше отфрлен во Парламентот, поради што Меј беше принудена да побара од ЕУ одложување на Брегзит.
*Извор Би Би Си






