Бројот на позитивни случаи во период од една недела е зголемен за околу 65 проценти, но Комисијата за заразни болести (КЗБ) засега без препорака за нови мерки. Остануваат да важат актуелните кои се однесуваат на задолжително носење на маска во јавниот превоз, во здравствените домови, во аптеките, во домовите за стари лица, како и во домовите за лица со попреченост.

Портпаролот на КЗБ, доктор Злате Мехмедовиќ вчера истакна дека за носење на нови мерки е потребно да се следат и други параметри, како што се болничките капацитети и бројот на починати од дневните ковид статистики.

„Комисијата за заразни болести во изминатиот период најави дека мерките што ќе се носат, а ќе бидат во насока на превенција и ќе бидат согласно параметрите што ги следиме од Центарот за контрола за болести. Тоа не е само бројката на новозаразени, туку и болничките капацитети, односно исполнетоста на болниците, како и бројот на починати кои се регистрираат согласно дневните ковид статистики“, вели Мехмедовиќ.

Во тек е вакцинација со четврта доза против коронавирусот. Четвртата доза е достапна за сите граѓани над 18-годишна возраст кои примиле три дози на вакцина против ковид-19, на сите вакцинални пунктови без закажување.

Вакцинацијата со четврта доза, како што соопшти Министерството за здравство (МЗ), е предвидено да се спроведува со мРНА вакцина на „Фајзер“ или „Модерна“. Препорачаното временско растојание меѓу трета и четврта е најмалку четири месеци.

„Вакцинацијата со четврта доза посебно се препорачува кај хронично болни, кај пациенти на дијализа, кај пациенти со трансплантации, кај онколошки пациенти, кај имунокомпромитирани лица и кај пациенти кои примаат имуносупресивна и имуномодулаторна терапија за која било индикација и кај лица над 60 години. Вакцинацијата е најдобра превентивна мерка за заштита од потешка форма на ковид-19. Државата располага со доволни количини на вакцини кои се безбедни и ефикасни и ги повикуваме граѓаните да се имунизираат на вакциналните пунктови, со цел да стекнат дополнителен имунитет“, велат од МЗ.

Болничките услови на Клиниката за инфективни болести, како што информираше Мехмедовиќ, засега не се исполнети и има доволно болнички капацитети што можат да се стават на располагање, но зголемен е бројот на амбулантни прегледи на Клиниката.

Доколку има промена во епидемиолошката состојба, како што посочи тој, ќе бидат разгледани параметрите и Комисијата ќе препорача нови мерки за заштита од вирусот.