Вкупно 2.090 заболени од грип се регистрирани во Македонија од 20 до 26 јануари годинава, што е за 21,9 отсто повеќе од истиот период лани кога имало 1.715, соопшти денеска Институтот за јавно здравје.
Вкупниот број на заболени од грип од почетокот на сезоната 2013/2014 изнесува 5.428. Во овој период регистрирани се два смртени случаja асоцирани со инфекцијата со вирусот на грип.
Во четвртата недела регистриран е еден смртен случај кај маж на 82-годишна возраст, кој на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби е донесен во тешка состојба и без свест, со историја на хронични болести (срцева слабост, дијабетес, цереброваскуларни инсулти) и кај кој лабораториски е потврдена инфекција со вирусот на инфлуенца А/Х3Н2.
Во споредба со минатата година (3.474 заболени), има зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 56,2 отсто.
Најголем број на заболени (846) се регистрирани во Куманово. Најмногу болни ( 3.554) се во возрасната група од 15 до 64 години.
Бројот на пријавени случаи на грип или заболувања слични на грип во Македонија го задржува трендот на континуиран пораст, но во последната недела се бележи лесно намалување на интензитетот. Се очекува трендот на пораст на активноста на вирусот на грип да се одржува и во наредните недели, со варијации во интензитетот.
Во циркулација се двата подтипа на вирусот на инфлуенца А и инфлуенца Б вирусот, со доминација на вирусот на инфлуенца А/Х3Н2.




