Во текот на ноќта пожарот во близина на селото Будимирци имаше променливо темпо и сега е малку стивнат, објави утрово на Фејсбук директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

– Од позицијата од која набљудувам пред мене гледам две точки на кои пламенот е се уште активен и силен, но во позадина на неколку места забележувам силна и густа чад. Селото Будинарци е безбедно,утрово интервенираат два македонски и два српски хеликоптери, а во текот на денот и големиот противпожарен романски авион, информира Ангелов на ФБ.

– Во борбата против пожарот ќе бидат вклучени и голем број пожарникари од овој регион,  како и пожарникарите од Словенија, Австрија и Бугарија. Покрај нив учествуваат и екипи на Национални шуми, припадници на Армијата и Полицијата, ДЗС, ЦУК и голем број на доброволци од локалното население. Голема благодарност до сите нив за покажаната пожртвуваност и храброст, наведува Ангелов

Ангелов информира и како директно се соочиле со пожарот во селото.

– Иако непланирано, влеговме во огнот и пред се благодарение на тројца храбри локални жители (Мустачки Слободан, Гоце Мајсторски и Влатко Прмачки) успеавме да го сопреме огнот и да спасиме големо парче шума со бор. Во гаснењето покрај тројцата мештани учествуваше и мојот храбар соборец од 2001-та Бранко Ѕверот, како и мојот возач Дејан Митовски, информира Ангелов на својот фејсбук профил.

Инаку Пожарите не стивнуваат, а најкритична е состојбата во пехчевско и беровско. Постои закана, огнот да се прошири и кон Бугарија. На тој потег со пожарите се борат над 350 луѓе, но ветрот им ја отежнува работата. Се прават пресеци со градежни машини, се заоруваат ниви и необработливи површини, се сечат дрвја се со цел да се спречи понатамошното интензивно ширење, информираат од ЦУК.