Во обраќањето до нацијата денеска попладне бугарскиот претседател Румен Радев објави дека одлучил парламентарните избори да ги распише за 4 април, една недела подоцна од претходно најавуваниот термин 28 март. Тој, како што соопшти, веќе го потпишал и указот за тоа.
Тој изминативе денови имаше консултации со претставниците и на парламентарните и на вонпарламентарните партии. Помалите партии бараа изборите да се одржат што е можно подоцна, додека ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов бараше тие да бидат на 28 март и го обвинија Радев дека сака да манипулира.
Радев побара од сите институции да се однесуваат одговорно и да ги преземат соодветните мерки за безбедно гласање во време на пандемија, а од парламентот да ги донесе неопходните законски измени за може да се гласа по пошта и броењето на гласовите да се следи онлајн.