По ратификувањето на ЕУ членството на Хрватска, германските парламентарци сметаат дека сега е потребна одлука и за Македонија. Се чека мислење од Филе и сигнал дека ниту една земја-членка нема намера да стави вето, јавува Дојче Веле.
Европа е атрактивна! Ова е пораката која според шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле вчера ја испратиле народните избраници на германскиот Бундестаг, со ратификувањето на Хрватска како 28 членка во европското семејство.
Оваа порака, како што велат повеќемина парламентарци за ДВ е позитивен сигнал за регионот и за Македонија.
„Се радувам што проширувањето на ЕУ продолжува. Во 2003 година во Солун, Унијата на сите земји од Западниот Балкан им вети европска перспектива. Од 1 јули Хрватска ќе биде полноправна членка.Радува напредокот на договорот меѓу Белград и Приштина. Сега ни треба одлука и за Македонија. Германскиот Бундестаг го застапува гледањето дека пристапните преговори на Македонија со ЕУ може да започнат! Сега мора брзо да се разреши важното прашање околу името“, изјави за ДВ Јохан Вадефул, пратеник од ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот кој ги следи случувањата околу Македонија.