Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија е платен од Владата, изјави пред новинарите претседателката на Советот за социјална политика на СДСМ, Мила Царовска.
Таа објави Решение на кое стои лично потпис на премиерот Никола Груевски, претседателот на Сојузот на синдикати, Живко Митревски, е назначен за член на Управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Решението следело само шест дена откако ССМ даде јавна поддршка на контроверзните и штетни закони за администрација предложени од ВМРО-ДПМНЕ а усвоени од Собранието.
Еве ја содржината на тоа Решение, објавено во Службен весник на Република Македонија на 21 јануари 2014 година, рече Царовска.
Синдикалниот лидер Живко Митревски според ова Решение станал член во Управниот одбор на ПИОМ и си обезбедил уште една месечна плата. Согласно законот (член 154 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување) еден претставник од Синдикат се избира во Управниот одбор. Но, досега не се случило да биде избран Претседател на Синдикат, потенцираше таа.
Според Царовска проблем не е само акумулацијата на функции кај првиот човек на ССМ. Проблем е што тој што треба да се бори за работничките права пред Владата прима екстра пари токму од Владата.
Значи премиерот Никола Груевски со свој попис го плаќа Претседателот на ССМ, Живко Митревски. Дали ова е награда од власта за поддршката што ја добива владата на ВМРО-ДПМНЕ од страна на ССМ?, прашува претседателката на Советот за социјална политика.




