Во соработка со „Центарот на заедницата“, општина Центар го организираше Граѓанскиот буџетски форум на кој општинскиот буџет за 2016 година се подготвува заедно со жителите на општината.
Градоначалникот Андреј Жерновски рече дека ова треба да е практика во сите општини, бидејќи кроењето на буџетот треба да потекнува од реалните барања на граѓаните.
– Буџетот за 2016 година во голема мера е мотивиран од барањата на граѓаните. Ние и сме избрани за да ги реализираме нивните потреби. Буџетот е проектиран на вкупен износ 1,5 милијарди денари. За капитални инвестиции издвоени се 635 милиони денари. Во 2016 година ќе почнеме со реализација на изградбата на основно училиште во населбата Капиштец. Зборот си е збор, градежното земјиште го добивме и училиштето ќе почне да се гради, со ова ги заокружуваме петте главни изборни ветувања. Најголемата населба, Капиштец да добие основно училиште, рече Жерновски.
Општината планира да подготви проекти со кои ќе аплицира за донации од расположливите средства од ЕУ и други достапни фондови.
Ќе се менува фасадната столарија и ќе се прават енергетско – ефикасни фасади во училиштата „Димитар Миладинов“, „Кирил и Методиј“ и „Кочо Рацин“, а во 2017 година во основното училиште „Коле Неделковски“.
Ќе се аплицира за добивање средства за реконструкција на објектите „Пинокио“ и „Јасмин“ – клонови на градинките „Корчагин“ и „13 Ноември“.
Ќе се реконструира инфраструктурата во градската четврт Маџир Маало, локалитет Долно Водно и локалитет Тасино Чешмиче.
Од Буџетот на општината ќе се градат и реконструираат коловози и тротоари на Локалитетот „Пресвета Богородица“ и ќе продолжи реконструкцијата на улицата „Ленинова“.
Како што рече Жерновски, општината го плаќа изучувањето на англиски јазик, плаќа за физичко воспитување и за средства за лична хигиена во градинките и обезбедувањето, еднодневната екскурзија за основните училишта.
Предвидени се награди за првенец на генерација и најдобар одделенски и предметен наставник и стипендии за млади талентирани ученици.
Освен функционирањето на постоечките два пензионерски клубови, Центар планира и отварање на два уште два нови, како и активности за поддршка на Сервисот за стари лица кој на претходните форуми беше избран за еден од приоритетите за кофинансирање во 2016 година.
За социјално загрозените општина Центар ќе даде средства за социјални пакети, за огревно дрво, како и парична помош за лекување.
Во 2016 година ќе се ангажира фирма за машинско чистење и миење на улиците на територија на општина Центар, замена на оштетените и поставување на нови корпи за отпадоци на сите улици во Центар и поставување на друга урбана .
Акцијата за озеленување на општината, како и зачувување на постоечкото зеленило продолжува . Во функција на обезбедување на парковите, се планира да се ангажираат 12 лица, како и да се постават куќарки за нив во парковите.



