Моменталната состојба со квалитетот на амбиентниот воздух покажува дека најголема концентрација на честичките ПМ10 има во Центар, Ректорат, Карпош и Тетово.
Високо ниво има и во Лисиче. Во Центар и Ректорат концентрацијата е над 180 микрограми ПМ10 на метар кубен. Максимално дозволена концентрација на ПМ10 во воздухот е 50 микрограми на метар кубен.
Во текот на вчерашниот ден нивото на ПМ10 во Центар изнесувало 248 микрограми на метар кубен, во Лисиче 240, во Карпош 221 микрограми и кај Ректорат 202 микрограми. Во Тетово се измерени 325 микрограми на метар кубен, а во Кичево 202. Воздухот во овие региони е загаден повеќе од една недела.
Граѓаните и невладините организации секојдневно апелираат до надлежните институции за конкретни мерки, бидејќи маглата и смогот веќе над една недела влијаат штетно по здравјето, намалена е видливоста а сообраќајот во главниот град се одвива забавено.




