Во неочекуван потег Чешка и Словачка денеска ставија вето на вчерашните заклучоци на амбасадорите на ЕУ во однос на проширувањето. Според одредбите овие заклучоци требаше формално да бидат потврдени во рок од 24 до 48 часа. Денеска за време на состанокот на Советот за животна средина на Унијата (ЕНВИ) во Брисел, Прага и Братислава го испорачаа ветото на она што Бугарија успеа да го протурка ден порано во компромисниот предлог на германското претседателство, во кој стоеше и реченицата за „погрешно толкување на историјата“.
Токму таа реченица е причината за отфрлањето на заклучоците од страна на Чешка и Словачка, кои денеска беа доставени за усвојување:
„Ние нема да дозволиме Унијата да биде судија на нашата споделена историја, како се идентификуваме себеси или јазикот што го користиме“, пишуваат во заедничкото соопштение Чешка и Словачка.
Останува нејасно како дојде до оваа целосна промена на ставот на двете држави, што се променило во текот на еден ден, дали е тоа направено по дополнителни консултации или двете земји имаат сопствена грижа за тоа овие заклучоци да не се рефлектираат и врз нивните општества.
Еве го соопштението на Прага и Братислава во целост:
„Чешка и Словачка ги ценат напорите направени од германското претседателство за да се постигне напредок во агендата за проширување. Чешка и Словачка отсекогаш биле целосни поддржувачи на политиката на проширување во последните 16 години и денес нема промена на таа посветеност.
Заклучоците на Советот за процесот на проширување, стабилизација и асоцијација треба да пренесат единствена порака на ЕУ за политиката на проширување од една страна и напредокот и недостатоците на земјите кандидати и потенцијалните кандидати од друга страна. Тие имаат директно влијание врз голем број аспекти на политиката и ја поставуваат основата за пристапот на Унијата во наредниот период.
Со оглед на клучната улога на овој документ и со внимателно разгледување, не можевме да дадеме согласност за нацртот презентиран на одобрување денес. Текстот, како што стои, содржи елементи, вклучувајќи го и поимот за фалсификување на историјата, што според нас би било огромна штета за процесот на проширување и потенцијално може да донесе дополнителни компликации на патот.
Со оглед на важноста на текстот и дебатата на вчерашниот состанок на ЦРП, сметаме дека конечното усвојување на текстот требаше да се случи во Советот за општи работи.
Главната цел е и останува да се усвои рамката за преговори што е можно поскоро и по понатамошна анализа веруваме дека сегашниот текст може да го комплицира нејзиното усвојување. Убедени сме дека може да се најде решение за прилагодување на барањата на нашите колеги без длабоки импликации за пристапот на Унијата.
Ние нема да дозволиме Унијата да биде судија на нашата споделена историја, како се идентификуваме себеси или јазикот што го користиме. Овие прашања припаѓаат на страните кои се засегнати и ние сме тука за да ги поддржиме со искуството на нашите сопствени процеси на закрепнување.
Понатаму, длабоко сме разочарани што рамките за преговори и за Северна Македонија и за Албанија не беа одобрени“.