Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

34 години АРМ: Од „боси по трње“ до рамноправна и достојна членка на НАТО

August 16, 2026

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Четири години од апсењето на Вилен Темерјанов: Новинарството не е злосторство – руската агресија е злосторство

0
By Zoran Ivanov on August 11, 2026 ТЕМА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Tuesday, August 11, 2026 20:04

 

На 1-ви 1 август се навршија четири години од апсењето на кримскотатарскиот новинар Вилен Темерјанов од страна на руските окупациски власти. Како негов јавен застапник и како претседател на ЦИВИЛ – Центар за слобода, најостро го осудувам политички мотивираното гонење на Темерјанов, бруталната репресија врз новинарите во окупираниот Крим и злосторствата што руската агресија ги врши против слободата на изразување, човековите права и достоинството на украинските граѓани.

Џабир Дерала

На 11-ти август 2026 година се навршија четири години од апсењето на Вилен Темерјанов, кримскотатарски новинар, политички затвореник и еден од гласовите што руската окупациска власт се обидува да ги замолчи со затвор, монтирани обвиненија и сурова репресија.

Темерјанов беше уапсен на 11-ти август 2022 година во окупираниот Крим и обвинет за „тероризам“ во фабрикуван случај. Неговиот вистински „престап“ беше новинарството: тој одел на местата на претреси во домовите на Кримските Татари, ги снимал рациите со мобилен телефон, известувал како новинар за „Кримска солидарност“ и за изданието „Грани“, и редовно ги следел судските процеси против политичките затвореници.

Руската окупациска машинерија тоа го нарече „опасност“. Всушност, опасноста за окупаторот не беше Вилен. Опасноста беше вистината.

Четири години неправда

Вилен Темерјанов е роден на 16 јануари 1985 година. Тој е Кримски Татар, сопруг и татко на три деца. Неговиот најмал син има тешка срцева болест и, на шестгодишна возраст, веќе поминал низ три операции, а се очекува уште една сложена интервенција. Вилен има оформено старателство над синот токму поради инвалидитетот на детето.

За време на неговото заробеништво и затворање, починале неговата мајка и неговата сестра. Руските власти не му дозволиле да присуствува на ниту еден од погребите.

Ова не е само правна неправда. Ова е суровост на целиот систем – брутална државна одмазда против тие што се осмелуваат да ја кажат вистината. Ова е казна не само за новинарот, туку и за неговото семејство. Тоа е метод на кршење на човекот преку болка, изолација, неизвесност и одземање на најосновните човечки права.

Во затворските услови, здравјето на Темерјанов значително е влошено. Според информациите доставени од украински извори, неговиот вид е нагло ослабен, така што користи очила испратени од роднините. Потребна му е и стоматолошка помош. Тој и понатаму се наоѓа во СИЗО-1 во Ростов-на-Дон, руски истражен затвор и притворски центар што во контекстот на војната се спомнува како едно од местата каде што се држат украински цивили, воени заробеници и политички затвореници.

На 26 ноември 2025 година, Јужниот окружен воен суд во Ростов-на-Дон го осуди Вилен Темерјанов на 14 години затвор во колонија со строг режим, при што првите три години треба да ги издржи во затвор – најсуровата форма на изолација во рускиот пенитенцијарен систем. Тој беше осуден според член 205.5, дел 2 од Кривичниот законик на Руската Федерација, за наводно „учество во активности на организација прогласена за терористичка“ според руското законодавство.

Тоа не е правда. Тоа е окупациска пресуда. Тоа е одмазда против новинарството. Тоа е политички прогон маскиран како судска постапка.

Кримските Татари, мета на окупацискиот режим

Случајот на Вилен Темерјанов не е единствен. Тој е дел од систематскиот прогон на Кримските Татари, коренски народ на Крим, кои од 2014 година се меѓу најсилно погодените заедници од руската окупација.

Руската окупација на Крим не е само воено-политички чин. Таа е механизам на контрола, заплашување, бришење и насилно преобликување на јавниот живот. Таа ги напаѓа идентитетот, верата, јазикот, културата, политичкото претставување, граѓанскиот отпор и слободниот збор.

Претресите во домовите на Кримските Татари, монтираните обвиненија за „екстремизам“ и „тероризам“, долгогодишните затворски казни, судските процеси пред руски воени судови и префрлањето на затворениците далеку од Крим се дел од истиот репресивен шаблон.

Окупаторот сака да го претвори Крим во простор без сведоци. Затоа ги гони новинарите, граѓанските активисти, адвокатите, верските и лидерите на заедницата, семејствата на затворениците и сите што се осмелуваат да кажат дека Крим е Украина.

Вилен Темерјанов е прогонет затоа што известувал од окупираниот Крим, затоа што сведочел за репресијата врз Кримските Татари и затоа што неговото новинарство ја потсетува јавноста на вистината што Москва се обидува да ја избрише: Крим е Украина.

Новинарите, мета на руската агресија

Веќе подолго време пишувам за Вилен Темерјанов и барам слобода и правда за овој наш колега. ЦИВИЛ повеќепати најостро ги осуди руските репресалии и воено-судскиот прогон против Вилен Темерјанов и против сите новинари што известуваат за руските злосторства, окупацијата, политичките затвореници, тортурата, присилните исчезнувања и кршењето на човековите права во окупираните територии на Украина.

Новинарството не е злосторство. Документирањето на претрес, судење, исчезнување, затворање или злоупотреба не е тероризам. Напротив, тоа е јавен интерес, професионална и човечка должност.

Руската Федерација, со својата агресија против Украина, води и војна против вистината. Во таа војна, новинарите се апсат, киднапираат, држат во заробеништво, малтретираат, осудуваат во монтирани процеси и убиваат.

Името на Викторија Рошчина останува едно од најболните сведоштва за неизмерната бруталност на рускиот окупатор. Украинската новинарка, која известуваше од окупираните територии, беше во руско заробеништво и не се врати жива. Нејзината смрт, потврдените знаци на тортура и фактот дека телото ѝ беше вратено со исчезнати органи се обвинение против целиот руски систем на агресија, окупација и брутална пресметка со цивилите. Светот не смее да молчи пред суровите практики на киднапирање, тајно задржување, изолација, тортура и нечовечко постапување кон цивили и новинари.

Темерјанов е жив, но е зад решетки. Рошчина е убиена во руско заробеништво. Други новинари и медиумски работници сè уште се држат во руски затвори и логори. Нивните имиња не смеат да исчезнат од јавноста.

Вилен Темерјанов е еден од политичките затвореници на Крим што се спомнуваат и во годишната резолуција на Генералното собрание на Обединетите нации за состојбата со човековите права на привремено окупираните територии на Украина, вклучително и Автономната Република Крим и градот Севастопол, усвоена на 17 декември 2024 година.

Јас, како јавен застапник за ослободување на Вилен Темерјанов, барам негово итно ослободување од руско заробеништво и затвор. Го барам тоа и во име на ЦИВИЛ – Центар за слобода, организација за човекови права, на Редакцијата ЦИВИЛ МЕДИА, како и на Глобалната иницијатива за одбрана на демократијата и Вестминстерската алијанса за Украина. Јавно повикувам на меѓународна солидарност со нашиот колега Вилен и со сите украински новинари и политички затвореници – жртви на руската агресија и окупација.

Овој јавен повик не е само чин на солидарност. Ова е дел од борбата за слобода на медиумите, за човекови права, правда за Украина и одговорност за руските злосторства.

Затоа, уште еднаш и без двоумење: Барам итно и безусловно ослободување на Вилен Темерјанов. Барам слобода за сите украински новинари, медиумски работници и политички затвореници во руско заробеништво. Барам правда за Викторија Рошчина. Барам одговорност за Руската Федерација.

Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк

темјеранов Џабир Дерала
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026

СОЗИС: Украинците повеќе им веруваат на генералите отколку на Зеленски

August 7, 2026
shortcut
ФОКУС
August 29, 2026

Исланд гласа за или против обновување на преговорите за членство во Европска Унија

ФОКУС August 29, 2026

Денеска, 29 август, граѓаните на Исланд гласаат дали владата треба да ги обнови пристапните преговори…

Техеран го повика Вашингтон да признае воен пораз

August 16, 2026

Букурешт: Дуња Иванова четврта на Балканот во МТБ маратон во Романија – 73 км. должина и 2.400 м. висинска разлика

August 15, 2026

Њујорк Тајмс: Европа смислува свој формат за преговори за Украина

August 15, 2026
ТИКЕР

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026

СОЗИС: Украинците повеќе им веруваат на генералите отколку на Зеленски

August 7, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.