Успешно е надминат проблемот со 11-годишната Ембла Адеми од Гостивар, девојче со Даунов синдром, која од денеска повторно се врати во училишните клупи во основното училиште „Башкими“.
Таткото на Ембла, Илир Адеми во изјава за НоваТВ вели дека лично добил ветување и од министерот за образование и наука, Јетон Шаќири и од градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари дека неговата ќерка во иднина ќе учи во редовна настава со другите деца.
„Ембла денеска ќе присуствува на редовна настава во втората смена. Иако, се уште нема позитивна реакција од родителите на другите деца кои покренаа петиција мојата ќерка да биде надвор од училишните клупи, сепак добив ветување од локалната власт дека Ембла во иднина ќе посетува редовна настава и дека овој немил настан нема да се повтори“, вели Илир Адеми во изјава за НоваТВ.
Адеми раскажува дека Ембла уште од почетокот на годината добила образовен асистент, но таа постојано биле преместувана од една во друга паралелка, а неретко учела и во изолирана просторија, физички одвоена од главната училишна зграда, која се користи како сала за приредби.
Проблемот, според Адеми, настанал во ноември кога група мајки чии деца учеле во истата паралелка со Ембла, преку петиција побарале од директорот 11-годишното девојче со Даунов синдром да биде тргнато од одделението и да учи во посебна просторија.
„Ќерка ми ја ставија да учи во смени, и да посетува настава по две недели во три различни паралелки. Тоа требаше да биде привремено решение, поради петицијата на родителите, кои се жалеле до директорот дена ќерка ми им пречела во наставниот процес. Ембла е постојано со образовниот асистент од почеток до крај на часовите и тој би алармирал ако навистина било така“, објаснува таткото на Ембла.
Адеми вели оти е револтиран што Ембла последните недели од првото полугодие заедно со образовниот асистент морала да ги мине во изолираната сала за приредби, голема и студена просторија, која се затоплувала само со греалка.
Шаќири: Среќата во очите на Ембла е наша заедничка среќа
Дека Ембла се враќа во училишните клупи прв објави министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
“На мое лично и уште повеќе на задоволство на членовите на нејзиното семејство, а најмногу на нејзино задоволство од денес таа е повторно меѓу соучениците и неизмерно среќна што продолжува да стекнува нови знаења, да напредува и да ги развива пријателствата со своите врсници. Победа на општеството и на вистинските човечки вредности“, пиша Шаќири посочувајќи дека општеството мора да продолжи кон подигнувањето на свеста за децата со попреченост.
Шаќири вели дека лицата со попреченост не се поразлични од другите и оти заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование како и сите други.
„Тоа е основно право и должни сме да го овозможиме, да создадеме услови во кои секое дете ќе го развива и ќе го реализира својот полн потенцијал. Да докажеме дека подигнувањето на инклузивноста на образовниот систем е наш врвен приоритет и процес кој ќе продолжиме да го спроведуваме. Драга Ембла, ти посакувам успех во понатамошната едукација. Застанувам позади тебе во секоја следна битка!“, пиша на Фејсбук, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
Реагираа и од канцеларијата на Народниот правобранител и од Хелсиншкиот комитет за човекови права
„Објавената сторија покажува голема незрелост на општеството, кое ни оддалеку не е подготвено во пракса да ја имплементира домашната и меѓународната регулатива која се однесува на инклузивноста на овие лица во секојдневниот живот. Недозволиво е овие ученици да бидат жртва на непоготвеноста на поединци да ги прифатат различностите и на истите да им биде отежнат пристапот до образовниот процес, кој со Устав и со закон им е гарантиран на сите подеднакво, без елементи на каква било дискриминација“, се вели во соопштението од канцеларијата на Народниот правобранител.
Народниот правобранител ги охрабрува родителите за вакви случаи да не молчат, туку да се обратат до институциите, со цел навремена заштита на правата на нивните деца гарантирани со законите.
„Петицијата на родители против дете со Даунов синдром е најновиот пораз на нашето општество кога станува збор за односот кон најранливите меѓу нас“, реагираа од Халсиншкиот комитет за човекови права.
Во допис до медиумите велат дека вкоренетите предрасуди повторно преовладаа над основните принципи на солидарност и емпатија. Го осудија раководството на образовната установа во Гостивар, кое со своите дејствија се приклучило кон дискриминаторите, наместо да се стави во заштита на едно дете, за чија инклузија има не само морална, туку и законска обврска.
Од Хелсиншкиот комитет најавуваат претставки и дописи до повеќе институции со кои бара:
„Општината Гостивар итно да го разреши директорот кој дозволил ваков развој на настаните и крајно дискриминаторски третман кон малата Ембла; Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат да извршат надзор во училиштето и да ги преземат сите мерки за да ја заштитат ученичката, како и да ги обезбедат сите услови за нејзина инклузија во наставата; Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која веќе најави постапување по службена должност, повратно да информира за сите сознанија до кои ќе дојде при работата на овој случај“, стои во дописот на Хелсиншкиот комитет.
Оттаму велат дека санкциите и институционалниот одговор се неопходни, но не се доволни за да се искоренат дискриминаторските практики кон лицата со попреченост.
Случајот на Ембла го вклучи алармот за голготата низ која минуваат семејствата на деца со попреченост
Алармот за случајот на Ембла, девојче со Даунов синдром, го вклучи нејзиниот татко Илир, кој на Фејсбук објави емотивен статус во кој прашува дали неговата 11-годишна ќерка и ова полугодие ќе го мине сама, без да учи во редовната паралелка со другите соученици?
„Денеска почна второто полугодие за сите деца, само нашата Ембла не уживаше во овој ден затоа што некој го прекина ова чувство, да не почне настава со нејзините соученици. Сите уживаат во тоа што нивните деца го започнаа второто полугодие, втората половина годишнина, но ние како родители ан Ембла, се прашуваме кога ќе започне наставата за неа, откако беше бојкотирана од страна на група родители во првото полугодие“, пиша на Фејсбук таткото на Ембла, Илир Адеми.
Во петицијата испратена до директорот на училиштето „Единство – Башкими“ стои:
„Поради попречување на наставата од страна на ученичката Ембла Адеми и поради агресивноста, донесовме одлука ние како родители, да се бојкотира наставата од страна на редовните ученици“, се вели во петицијата што ја покренаа родителите.
Ембла го посетувала Центарот за деца со посебни потреби „Хандимак“. Директорот Адем Идризи, во изјава за „Клан Македонија“ рече дека Ембла никогаш не била агресивна.
„Ембла не е виновна за нејзината состојба. Ние сме тие кои треба да понесеме одговорност и да сме по свесни. Тие мајки што протестирале и што барале да се избрка Ембла од училиште, само на кратко да си се стават себе си во позиција на нејзините родители. Секое дете има свои карактеристики, како и Ембла, но пристапот кон нејзе секако дека ја прави и агресивна. Она не е крива, криви се тие што работат со Ембла.
Наставата во посебно одделение не е добра идеја, смета и директорот на Здружението за лица со посебни потреби „Заедно можеме“ Шпенд Салија, кој потенцира дека децата со попреченост имаат право да учат и да се интегрираат со нивните врсници.
„Многу се вознемирив од овој случај, тоа е злосторство, може да се смета за злосторство бидејќи и се одзема правото за образование и тоа е исто како да ви се одземе правото за живот. Тоа е предвидено и со Закон, треба да се казнат лицата кои го прекинуваат правото за школување на едно дете. Училиштата се едукативни – образовни институции, не се за реализирање на желбите на родителите бидејќи постои закон за начинот на кој функционираат училиштата. Плус тоа има и Закон за инклузивно образование со кој се предвидува секој дете да има право на школување,“ вели Салија, во изјава а ТВ21.
Северна Македонија е потписничка на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, а правото на инклузивно образование за сите деца е дефинирано во Законот за основно образование и тоа преку членот 5 кој нуди заштита од дискриминација и промовира еднаквост и членот 11 кој предвидува инклузивно образование.
(Б.Божиновска)