Како ова лето што имаше напади на болницата, мислам дека никогаш немало… Ни ја скршија и влезната врата. Летово имаше и многу напади врз болницата и од лица во алкохолизирана и состојба под дејство на наркотици. Сме имале и присуство на полиција во болницата и произлегува дека ни тоа нема влијание, за жал. Напад врз лекар треба да се третира како напад врз службено лице  – додава д-р Балевски.

Докторката во инфективното одделение, којашто вчера беше нападната од  пациент кој ја фатил за вратот и почнал да ја дави, е дома и, освен психичката траума што ја преживеала, засега е добро. Но нејзиниот  напаѓач, како што дознаваме, не е ниту приведен, ни изјави директорот на охридската болница, д-р Горан Балевски.

Тој тврди дека охридската болница и вработените веќе подолго време се мета на напади.

– Како ова лето што имаше напади на болницата, мислам дека никогаш немало… Ни ја скршија и влезната врата. Летово имаше и многу напади врз болницата и од лица во алкохолизирана и состојба под дејство на наркотици. Сме имале и присуство на полиција во болницата и произлегува дека ни тоа нема влијание, за жал. Напад врз лекар треба да се третира како напад врз службено лице  – додава д-р Балевски.

На местото на нападнатата докторка денеска друга нејзина колешка прегледува пациенти на инфективното одделение во болницата.

Поголеми последици од инцидентот вчера спречиле некои од членовите на семејството на пациентот, коишто ја оттргнале 62-годишната докторка од рацете на лутиот пациент, кој, оддеднаш, како да го снема – полицијата се уште трага по него.

Ние сме во постојана координација со јавниот обвинител и СВР Охрид презема мерки со цел пронаоѓање на можниот сторител на физичкиот напад врз вработената на инфективното одделение во охридската болница. Се надеваме дека сторителот ќе биде пронајден и дека спрема него ќе биде поднесена соодветна пријава, ни рече Стефан Димоски, портпарол во СВР Охрид.

Како што неофицијално дознаваме, се уште не е познат идентитетот на насилникот, но мерките водат кон негова целосна идентификација.

Во врска со тоа дали овој напад ќе биде третиран како напад врз службено лице, од СВР Охрид со одговор:

– Зависи како делото ќе биде оквалификувано од јавниот обвинител. Согласно законите, треба да се води како напад врз службено лице. А во однос на претходните напади врз вработени во болницата и други инциденти, се што  било пријавено како нарушување на јавен ред е сработено и поднесени се соодветни пријави – додаваат од СВР Охрид.  

Лекарската комора го осудува инцидентот и бара побрзи измени на КЗ

Лекарската комора најостро реагира и го осудува инцидентот во кој пациент физички нападна лекар на работното место во Општата болница во Охрид. Искажуваме поддршка за нападнатната колешка и благодараност до оние кои реагирале здраворазумно и спречиле поголем инцидент, соопштија денеска од  Лекарската комора на Република С. Македонија.

Оттаму додаваат дека „во услови на пандемија, кај нас како и пошироко во светот насилството врз здравствените работници стана понагласен проблем“.

Решение за овој предизвик веруваме дека може да се побара во побрзо носење на измените на Кривичниот законик. Имено, Лекарската комора подолго време лобираше и активно беше вклучена во измени на законската регулатива со кои нападот на здравствен работник на работното место ќе се смета за напад на службено лице за што јавното обвинителство ќе покренува кривична пријавата по службена должност и за што ќе има кривична одговорност. За ова да стапи на сила се направија измени на Законот за здравствена заштита кои се веќе донесени, како и измени на Кривичниот законик, кои се во собраниска процедура на носење. Апелираме пратениците во Собранието што побрзо да ги разгледаат и донесат овие законски измени, кои веруваме дека ќе испратат порака дека насилството не ги решава проблемите, туку само дополнително ги комплицира, поради што во случај на спор треба да се бараат системски решенија – велат од Комората.

(Љ.Б.)